Состојбата во Општа болница Охрид релативно стабилна

Ковид болницата во Охрид е делумно оптоварена со пациенти, ова е оценката на здравствените власти. Првиот човек на Општа болница моменталната состојба во здравствената установа ја оценува како стабилна. Хоспитализирани се 37 пациенти од кои 8 се вакцинирани против Ковид 19.

 |   | 
Модуларна болница Охрид

Состојбата во Општа болница Охрид е релативно стабилна, оценува директорот, д-р Горан Балески. Хоспитализирани се 37 пациенти во модуларната ковид болница и уште 5 пациенти на интерното одделение кое повторно во 4тиот бран е преадаптирано во ковид центар.

Имаме доволно слободен број кревети. Дневната потрошувачка на кислород е над 100 боци дневно. Имаме во модуларната болница и кислородна станица. 22-ца пациенти се на кислородна поддршка, еден пациент на неинвазивна вентилација. Имаме еден пациент со потешка клиничка слика – вели Балески.

Возраста на пациентите се движи од 25 до 60 години. 8 од хоспитализираните пациенти се вакцинирани против Ковид 19 и имаат полесна клиничка слика. Карактеристично за овој бран, според кажувањето на д-р Балески е зголемен број на помлади пациенти со потешка клиничка слика.

Смртноста од Ковид се должи на ненавремено доаѓање во болница, на неприфаќање на сугестиите и препораките од докторите. Има доста пациенти кои се лекуваат на сопствена одговорност, на своја рака. И целокупната таа состојба доведува да имаме поголема смртност – додава Балески.

Според официјалните податоци на Министерството за здравство во Охрид од почетокот на пандемијата се регистрирани 5.536 случаи на лица заболени од Ковид 19, од кои во моментов се активни 465.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top