Сообраќајната некултура во Охрид го достигнува врвот

Сообраќајната некултура и хаосот во паркирањето во Охрид, за време на туристичката сезона го достигнува врвот. Тротоарите и велосипедските патеки се окупирани од автомобили. Состојбата со безбедноста на пешаците и велосипедистите е посебно лоша на булеварите Туристичка и АСНОМ.

 |   | 

Автомобилите на тротоари, пешаците на коловоз. Ваква е сликата во Охрид во текот на туристичката сезона. Сообраќајната некултура не е исклучок ниту во остатокот од годината, но на лето го достигнува врвот. Се паркира на тротоари, велосипедски патеки, пешачки острови и премини. Во рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ пристигнуваат слики од граѓани кои го регистрирале ваквото несовесно однесување.

Паркира кој каде сака и каде ќе стигне – коментираат граѓаните.

Состојбата е посебно лоша на Булеварите АСНОМ и Туристичка каде движењето на пешаците и велосипедистите е небезбедно. Граѓаните коментираат дека се свесни за недостаткот на јавен паркинг простор во градот во летните месеци, но она што се случува на овие две најпрометни сообраќајници е претерано. Бараат полицијата да ги санкционира прекршителите и да овозможи безбедно движење на сите учесници во сообраќајот.

Портпаролот на СВР Охрид вели дека изминативе два месеца полицијата спроведува засилени сообраќајни контроли на коловозите и патиштата во градот и евидентира зголемен број прекршоци.

Засилено полициско присуство има буквално на секој чекор посебно во централното градско подрачје. По основ на непрописно паркирани патнички и други моторни возила, изречени се 277 казни додека со специјалното возило „пајак“, подигнати се 44 патнички автомобили. За споредба, во август минатата година, биле подигнати 20 автомобили – изјави за ТВМ , портпаролот Стефан Димоски.

Во централното градско подрачје полициските службеници се фокусирале на зголемување на проодноста на возилата, да нема застанување посебно на автобуси, како што се случуваше изминатите сезони и да се озвозможи непречена проодност на специјалните возила со приоритет онаму каде што има потреба.

Мислам дека оваа сезона го постигнавме ефектот кој го посакувавме во однос на тие тесни грла кои беа евидентни минатите туристички сезони ги решивме и ги решаваме со зголемено физичко присуство на полициски службеници на тие делови – напоменува Димоски.  

Акциските сообраќајни контроли ќе продолжат и во идниот период, вели Димоски, а покрај казни полициските службеници ќе продолжат да делат и совети.

Полициските службеници, велосипедската полициска патрола и сообраќајната полиција спроведуваат и едукативни контакти со граѓаните при што им укажуваат на грешките , делат флаери и се обидуваат советодавно да делуваат со цел и на овој начин да се обидеме да ги едуцираме граѓаните да им укажеме какви се последици може да има нивното неправилно паркирање – вели Димоски.

Дел од граѓаните и гостите ги прифаќаат укажувањата, но добар дел сметаат дека нивното однесување не претставува голем проблем. Во текот на сезоната не ретки беа и случаи на агресивно однесување кон полицајци кои вршеле службени дејствија. Димоски апелира до возачите да паркираат на соодветните паркинг простори низ градот со што најдиректно придонесуваат за поголема сообраќајна безбедност.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top