Сообраќаен колапс на ул „Гоце Делчев“

Крак од ул „Гоце Делчев“ прерасна во тесно сообраќајно грло поради зафатите за изградба на новиот затворен градски пазар. Револтирани возачи, станари, дуќанџии и пазарџии, секојдневно укажуваат на низа проблеми и ги повикуваат надлежните да најдат соодветно решение со цел да се реши хаосот кој со денови се случува на овој потег.

 |  Николоска Биљана  | 

Сообраќаен колапс на ул „Гоце Делчев“. Пристапниот пат до некогашниот паркинг, а сега времено решение за градски пазар, од ден на ден прераснува во сериозен сообраќаен проблем. Пешаците и возилата едвај се снаоѓаат да се разминат, а вистински хаос се случува кога влегува камион до градилиштето каде што се отпочнати градежните работи на новиот затворен градски пазар. Состојбата дополнително се комплицира од узурпираната површина од пластични столпчиња кои го стеснуваат и онака тесниот пат. Бројни се забелешките и на дуќанџиите, на овој потег. Тие во брифинг за телевизија ТВМ, велат дека секој ден се нижат проблеми, се чуствувале небезбедно од возилата, секојдневно голтале прашина, а камионите кои поминувале од тука на неколку сантиметри од влезовите на дуќаните, не ретко се случувало да направат оштетувања на дуќаните. Тие сметат дека градските власти би требало да изнајдат друго решение, посебно за камионите, бидејќи заради ваквиот хаос ги губеле муштериите, а последниве денови и прометот им бил драсатично намален. Револтирани се и станарите од зградата која е во непосредна близина на пазарот. Укажуваат дека тоа е единствениот пат кој води до паркинг во нивната подземна гаража. Додаваат дека секој ден доцнат на работа поради непрописно паркираните возила и не ретко се доведувале во ситуација со поединци да влезат и во вербална расправија укажувајќи им дека тоа е пат а не паркинг простор.

Состојбата ќе се влоши кога ќе се интензивираат градежните работи на пазарот. Директорот на АД „Илинден“ од Струга Раде Трајкоски вели дека во моментов нивната компанија врши само заштита на објектот. Според него допрва на градилиштето ќе влегувала механизација која треба да ги изведува градежните зафати. Трајкоски за ТВМ вели, дека до СВР Охрид уредно доставиле проект за сообраќајно решение за пристап до градилиштето и со одлука добиле согласност нивните камиони да поминуваат од кракот на улицата Гоце Делчев. Исклучок ќе биде пристапот од булеварот Туристичка но само кога ќе се бетонира. Исто така од АД Илинден информираа дека биле поставени соодветни сообраќајни знаци, но и тоа дека ќе има присуство на полиција во случај да биде потребна некаква интервенција.

Од СВР Охрид побаравме информација какво е сообраќајното решение за овој потег. Односно како ќе се воведува ред на оваа улица која стана тесно грло со дислокацијата на пазарот и со фактот што е единствен пристап до градилиштето на новиот затворен пазар. Дали со присуство на полициски службеници ќе се решава проблемот со непрописно паркирање.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски писмено ни одговори дека во врска со нашето барање за информации, официјално соопштение ќе добиеме во понеделник 15 мај 2017 година.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top