Сообраќајниците во градов во општ хаос

Улиците во градов, ноќна мора на охриѓани. Ударни дупки, преплавени улици, се дел од секојдневието на граѓаните.

 |  Билјана Николоска  | 

Патната инфраструктура е лицето на градот. Убавите епитети за Охрид, градот на УНЕСКО  остануваат дел од изјавите на државните и локалните моќници, само кога тие имаат потреба. Од ден на ден, проблемите растат се таложат и никако да се решат, се жалат граѓаните.
На метата на критики на јавноста е и Булеварот „Туристичка“. Оваа трансверзала по се изгледа е сложена материја за која не важи законот.
Главната градска артерија „Туристичка“ преполна со ударни дупки. За нејзино одржување задолжени се најважните инстанци, локалната самоуправа, Македонија пат, Агенцијата за патишта и Министерството за транспорт и врски. Таа во моментов е во лоша состојба. Од Македонија пат велат дека за 7 дена ќе се крпат дупките.
Лошата состојба на патиштата не е само на Булеварот Туристичка. Лошо е и на патниот правец 501 од Св Стефан до Пештани, како и коловозот на патот Охрид – аеродром. Не цветаат рози ниту на останатите улици низ градот, за кои треба да се грижи локалната самоуправа. 


Директорот на Македонија пат Лазе Ставрески, вели дека доцнат со крпење на ударните дупки заради немање асфалт. Тие во замена за тоа, чекаат некоја смеса која деновиве треба да ја добијат од Велес и вети дека за седум дена состојбата на кризните патни правци ќе биде санирана од страна на нивните служби.
Од локалната самоуправа се соочуваат со истиот проблем. Немаат асфалт. И одговорниот за сообраќај на патиштата Зоран Шикалески вели дека ќе се крпат дупките, но не прецизира кога. Тој со доза на резерва признава дека недоволно е упатен кој за која улица треба да се грижи. Кракот 420 познат како „Распаќе“, максимално е во рамките на одговорностите на Локалната самоуправа, но дали постои за тоа проектна документација и технички прием, и за тоа не успеавме да извлечеме одговор од Шикалески, кој ни образложи дека оваа постапка не била во времето од кога тој е одговорен.
На „Туристичка“ како најважна патна релација, многу работи не се испочитувани. Првенствено спорен е техничкиот прием и за оваа улица, бидејќи како што соопштуваат од Македонија пат, тие биле надлежни само во делот на одржување на коловозните ленти. За патната сигнализација и семафорите се грижи Агенцијата за патишта. Како што дознаваме, во случај како што е трансверзалата од типот на Туристичка не би требало да има задржување во сообраќајот, од типот на паркирање и сл. Исто така и тревнатите површини не треба да се искористуваат за рекламни билборди според правилата на законот за улици од ваков карактер.Оваа улица за жал е во вистинско светло само за време на големите настани кога во Охрид доаѓаат високи државници.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top