Со ротации и соработка помеѓу болниците во охридско-струшкиот регион се надополнува недостигот на кадар. Во болниците недостигаат специјализанти, а за надминување на овој проблем потребно е спојување и регионализација на петте болници во еден клинички центар.
Со ротации и взаемна соработка помеѓу болниците во регионот се надополнува недостигот на медицински кадар. Детското одделение во охридската болница околу еден месец работи само како амбуланта. Мал е бројот на деца кои изминатиов период во ноќните часови бараат здравствени услуги во соседна Струга.
На уролошкото одделение во Охрид се лекуваат пациенти од целиот Југозападен регион. Исто и на нервно и на одделот за уво, нос и грло. Недостигот на кадар е затекнат проблем со кој се соочуваат повеќето здравствени установи, а не може брзо да се реши, појаснува директорот на охридската болница д-р Горан Балевски.
И нашата болница прима пациенти, бидејќи нервно одделение е единствено во регионот, исто и уво нос и грло. На тој начин со ротации и со соработка помеѓу болниците се обидуваме да го надополниме овој недостаток на медицински персонал, кој што не верувам дека лесно ќе се реши. Таква е состојбата тоа се затекнати состојби и ние не ни можеме како директори се да поправиме – вели Балевски.
За надминување на проблемот со недостиг на лекари потребно е спојување и регионализација на здравствените установи во еден клинички центар. Во Охрид и Струга има пет големи болнички капацитети и во сите недостигаат специјализанти.
Да се направи една убава болница за целиот регион како клинички центар. И тогаш ќе имаме спојување на кадрите нема да имаме воопшто недостаток. Меѓутоа ние имаме болници распространети на 14 километри каде што во секоја болница по нешто фали. И единствен спас е да дојде до некое спојување и до некоја голема клиничка болница каде што ќе се спојат сите тие кадри од болниците – додава д-р Балевски.
Двајца уролози во охридската болница пружаат здравствена услуга на целиот регион. Најмногу пациенти има од Битола и Прилеп. Во сите здравствени установи недостигаат различни специјализанти, а за нивно надополнување ќе бидат потребни години.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град