Неасфалтиран пристапен пат, неосветлени улички, прашина, кал, непокосена трева каде има змии, градежен шут, се само дел од горливите проблеми со кои години наназад живеаат жителите на ул „Сирма Војвода“ и дел од ул „Момчило Јорданоски“. Тие по секоја цена бараат надлежните да им обезбедат пристапен пат до нивните домови. Од општина Охрид со најава, дека оваа локална власт ќе им го реши овој децениски проблем, за што посебно инсистирал и градоначалникот Никола Бакрачески.
Се поголем е револтот кај граѓаните на ул „Сирма Војвода“ и дел од ул „Момчило Јорданоски“. Велат дека преминат е прагот на нивното трпение. Бараат од надлежните, да престанат да двааат празни ветувања и рокови за асфалтирање, да излезат од нивните канцеларии на терен и да донесат машинерија која ќе асфалтира. Пристапните патишта до нивните куќи и станови, како што велат, на само 15 минути од центарот на туристичкиот бисер, скоро 3 децении чекаат асфалт. Денеска група жители излегоа пред камерата на ТВМ со цел да ги потсетат надлежните, на нивната, како што кажаа, „дива“ и заборавена населба.
„Бевме кај Змејкоски ни ветуваше дека април месец, не можеле асфалт да турат, но тампон сигурно ќе туриме. Ни тампон ниту пак се дојдени. До ден денес не можиме да направиме комуникација со градоначалникот, министрите во Скопје, за чудо побрзо имаме остварено комуникација. Помина и јуни месец, досега немаат ништо направено ниту пак се дојдени да видат. Дечињава треба да играат но тревата е колку нив, треба да се направи, мислам не е голема инвестиција. Во Дебрца нема село во кое нема патче асфалтирано, така треба и да биде, еве го Велестово и Рамне и таму има…ова е дел на градот кој треба да биде влезна порта на Охрид за Св Наум, а овде е застанато времето како во камено доба. Охрид има еден малер, ниту еден не го бива за организација и решавање на инфраструктурните проблеми. Ова е дива населба го молам одговорниот не само да се работи за центарот и ние сме жители, плаќаме даноци тие се должни да го направат патот. Ако не го направат за кратко, нека ги прекинат сметките, нека ни ги вратат парите од комуналии по 4-5 000 евра сами ќе си го направиме патот“– велат граѓаните.
Можеби денешната изјава на Љупчо Танески од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици, ќе го смири револтот на мештаните. Тој бара уште малку трпеливост и толеранција од мештаните кои живеат на овие улици, бидејќи дошло до промена на планот за асфалтирање и тампонирање на пристапни патишта.
„Одлучивме краците на ул „Сирма Војвода“ и „Момчило Јорданоски“, истовремено да бидат тампонирани и асфалтирани. Оваа проблематика се издигна на највисоко ниво, запознат е градоначалникот, и на негово инсистирање овие краци ќе бидат целосно асфалтирани“ – вели Танески.
Како што информираше Танески, во завршна фаза е прибирање на техничка документација за објава на тендер. По завршување на тендерот и изборот на најповолен понудувач ќе се пристапи кон реализација кон јавната набавка за асфалтирање на краците на двете улици со што еднаш засекогаш ќе се стави крај на овој горлив проблем.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град