Со јапонски искуства ќе се изнаоѓаат мерки за заштита на Охридското Езеро. Езерото Бива во Јапонија е многу слично на охридското по своите карактеристики, па затоа, јапонските научници ќе им ги пренесат своите искуства на македонските колеги, како тие се справиле со загадувањето на овој природен воден ресурс.
Јапонски научници ќе ги споделат своите искуства со нивните македонски колеги во областа на заштита на едно од најпознатите нивни езера, а тоа е езерото Бива. Ова природно езеро е национално богатство на Јапонија заштитено со закон и меѓународни конвенции и организации, меѓу кои и УНЕСКО. Тоа е значаен воден ресурс кој со вода снабдува околу 15 милиони жители во префектурата Шига. Езерото е од тектонско потекло и се проценува дека е старо околу 4 милиони години. Се протега на површина од 670 километри квадратни и изобилува со жив свет. Тука живеат 58 ендемски видови, a тоа е и значаен природен резерват на илјадници водни птици. Поради исклучителното значење, владата на Јапонија во 80-те години од минатиот век донела закон со кој заштитата на овој воден ресурс е подигната на највисоко ниво.
Езерото Бива се соочува со еутрофикација (стареење) и затоа се воведени силни мерки за заштита на животната средина, како што е забрана за внесување во езерото на азот и фосфор, благодарение на што, степенот на квалитет на водата се зголеми. Подготвени сме нашите искуства да ги пренесеме на колегите во Македонија, рече Тошики Фуџимура од Музејот на езерото Бива.
Заштитата на езерото Бива е позитивен пример кој ќе се потрудиме да го примениме и кај нас, рече директорката на Хидробиолошкиот завод, Елизабета Велјаноска Сарафилоска. Таа додаде дека имаме среќа што водата во Охридското Езеро поради проточноста и високата моќ за самопречистување сеуште е со висок квалитет.
Ние треба да сме среќни што го имаме Охридското Езеро и треба да го почитуваме ова природно богатство и да го чуваме. Неговата можност за самопречистување засега овозможува да опстанува вакво какво што е, но треба сите ние да придонесеме да го зачуваме за идните генерации. Истражувањата во централната зона укажуваат на сеуште стабилна олиготрофна, односно чиста состојба на водата. Онаму каде што се јавува пониска класа на водата, се работи за инциденти кои не можат да влијааат на квалитетот на езерската вода, додаде Сарафилоска.
Неодамна Хидробиолошкиот завод од Охрид и Музејот на езерото Бива потпишаа договор за меѓусебна соработка со што се добива една нова можност за следење на светските трендови во заштитата на пивките води, а пред се на најголемиот воден ресурс во државава.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град