Со едрилици до зелено езеро

Охрид бил и треба повторно да стане град на едрилици. Првите импровизирани едрилици запловиле по Охридското Езеро во далечната 1937 година а денес во 21 век нема соодветни услови за овие пловила. Едриличарите бараат сидришта и услови за развој на спортот како и реновирање на сите пристаништа и докови. Нивниот концепт го нарекуваат „Со едрилици до зелено езеро“.

 |  Соња Рилковска  | 

Едриличарите бараат сидришта и услови за развој на спортот.

„Со едрилици до зелено езеро“ е концептот на едриличарите од Охрид Го сакаат едриличарството, екологијата, се грижат за Охридснкото езеро, но немаат  соодветни услови за развој на овој мошне значаен спорт на вода.
Тие бараат едрилиците да добијат соодветен третман, како еколошки пловила. За стимулирање на набавка на едрилици наместо глисери и јахти,  првенствено да се намалат царинските давачки.

„Царинските давачки  се околу 33 %. Ние доставивме барање до надлежните институции посебно за едирилиците да се ослободат од царина и ДДВ то да се намали на 5% како еколошки пловила. Но сето тоа е залудно доколку останеме на оваа стара односно неупотреблива инфраструктура, во тој контекст бараме што поскоро да се овозможи што поголем број на сидришта“, вели Будимир Соколович.
Интерес има,  но услови за развој на едриличарството нема. Главен проблем е немањето  на доволно сидришта и место за чување на едрилиците.

„Го набавувате објектот и понатака го оставате на милост и немилост на временските прилики, но и на некои нешта што зависат од сите нас. На пример во овој потег каде сите претендираме да ги засолнуваме и чуваме нашите објекти условите се на многу ниско ниво. Има санитарно нерешен проблем од излевање на фекална канализација. Жалосно е што ваквите спортови, ваквите активности полека замираат“, вели Климент Наумов едриличар.
Првите импровизирани едрилици запловиле по Охридското Езеро во далечната  1937 година. Тоа биле кајчиња на кои било поставено платно. Во четириесеттите години од минатиот век Охрид бил град на едрилици, раскажуваат постарите едриличари.

„Говориме сега за 21 век 2021 година а 1947 во Охрид имало повеќе едрилици отколку денес . Имало и клуб и работилници се одржувале  и смотри и регати во таа бивша Југославија. Греота е и за нашите млади а и за нас постарите  за рекреација да немаш таков спорт како што нема денес, едриличаството е замрено со исклучок на приватната иницијатива, меѓутоа сето тоа треба да се поддржи со некаква стратегија“, вели Павел Филев, поранешен едриличар.
Едриличарите бараат и реновирање на сите пристаништа и докови, особено во   Радожда, Трпејца и Свети Наум за полесен пристап и пловидба на едрилиците.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top