Со богата културна понуда ќе се привлекуваат гостите од балканот и пошироко

Со богата културна понуда ќе се привлекуваат гостите од балканот и пошироко. Градоначалникот на Охрид најави најуспешна летна туристичка сезона досега. Околу  содржината и организацијата на овие музички настани разговараа и градските татковци на денешната седницата на Локалниот економски совет.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Познати ди џеи и други атрактивни музички имиња, ќе ја збогатат туристичката понуда претстојнава летна сезона. Со тоа се очекува да се зголеми бројот на гости во Охрид од балканските земји, но и пошироко. Од Локалната информираат дека во соработка со продукциската куќа „Авалон“, дел од концертите веќе се потврдени, а се финализираат преговорите и за останатиот дел од нив.

Под логото „Ohrid calling“, ќе се овозможи настап на светски познати музички имиња во Охрид што е од големо значење за збогатување на туристичката понуда во летната сезона. Понуда за која веруваме дека сериозно ќе овозможи прилив на поголем број гости, особено од околните земји, но најавено е и присуство на гости за овие настани и од подалечни европски држави. На 14 август концерт во Охрид ќе има светски познатата група „Продиџи“, на 13 август во рамки на фестивалот „Охридско лето“ ќе настапи познатиот гитарист Ал ди Меола, а на 1 август познатите ди-џеи Lost Frequencies и Nicky Romero. Во тек се преговори и за настап на 12 август на една балканска ѕвезда, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Околу  содржината и организацијата на овие музички настани разговараа и градските татковци на седницата на Локалниот економски совет на која стана збор и за туристичките трендови во овој дел од годината и движењата во туризмот во првиот дел од 2016. Градоначалникот рече дека според презентираното од страна на Секторот за ТЛЕР и покрај политичката и мигрантската криза, бројот на гости во првиот квартал од 2016 е зголемен за 21% споредено со истиот период во 2015. Сето тоа дава надеж дека и останатиот дел од годината ќе има исти или уште подобри резултати, рече Бакрачески. Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лела Крстевска која денес присуствуваше на седницата кажа дека очекуваат да се  надмине минатогодишната бројка на туристи кои го посетиле Охрид.

Се надеваме дека ќе имаме успешна сезона, ќе не послужи времето и дека оваа сезона ќе имаме уште подобри резултати, затоа што сезоната почна порано веќе во април ги имавме првите туристи. Бројот на холанѓаните во споредба со лани е зголемен за околу 20%, а тоа ни дава за право да очекуваме зголемување на бројот и на останатите гости од земјите на Бенелукс, рече Крстевска.

Кон зголемувањето на бројот на туристите ќе придонесе и  авио-линијата Белград- Охрид што старува на средината на овој месец, како и новите чартер летови, потенцира Крстевска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top