Проширување на преливниот праг и намалување на нивото на водата во акумулацијата.
Слатинската брана четврти ден одолева на силата на водата. Ситуацијата уште повеќе ја усложнуваат и обилните врнежи кои паѓаа изминативе два дена. Состојбата со Слатинското езеро засега останува непроменета. Како што информираат од Центарот за управување со кризи од Охрид, сеуште постојат сериозни оштетувања и сеуште низ телото на браната продира вода. Поради критичната состојба, не само со Слатинското езеро, туку и во повеќе градови низ државава кои беа погодени со поројни дождови, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски ги свика на итен состанок членовите на координативното владино тело за изнаоѓање на решение и нормализирање на состојбите.
На овој состанок, било договорено да се употреби механизација за спас на Слатинското езеро.
„На терен е екипата на Дирекцијата за заштита и спасување од Охрид која што разгледува технички можности за проширување односно продлабочување на тој преливен праг, се со цел да може повеќе водно количество да се отстрани, да се излее во одливниот канал за да се намали водниот басен на акумулацијата. Тоа беше разгледувано и сеуште се разгледуваат тие технички можности. Екипите се тука и тие во текот на денешниот ден се обидуваат да извршат некоја техничка интервенција.“-вели раководителот на Центарот за управување со кризи од Охрид, Митко Темелковски.
Темелковски вели дека паралелно се бараат и најдобрите начини за заштита на локалното население кое во изминатите денови бараше да им бидат доделени вреќи со песок како би ја сопреле водата при евентуално целосно рушење на браната.
„Локалната самоуправа на општина Дебрца има преземено мерки за изнајдување на такви вреќи и во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови е извршено прочистување на каналската мрежа на дел од Слатинското поле, со цел вишокот вода кој што доаѓа по слатинската река и е површинска вода од последните врнежи да се одлива, за да може полето да се исцедува, што значи се преземаат мерки за заштита на населението на овој простор.“-изјави Темелковски.
Инаку тој вели дека преливниот канал на Слатинската брана за среќа е во нормална функција па на тој начин се отстранува вишокот на вода од акумулацијата кој што наврна изминативе денови.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град