„Сирма Војвода“ се дави во кал

Асфалт, сеуште само пуста желба за жителите на дел од улицата Сирма Војвода. Тие се жалат дека години наназад газат во кал од раскопаната улица, која никако да дојде на ред за асфалтирање. Бараат од надлежните што побрзо да реагираат како би се ставило крај на нивниот секојдневен кошмар на патот од дома до работа, училиште, болница.

 |  Николоска Биљана  | 
sirma vojvoda
сирма војвода

sirma vojvodaСо гумени чизми, најлонски кеси на нозете, испокршени коли, зимно време кал и вирови, летно време прашина, вака години наназад  живеат жителите на дел од улицата Сирма Војвада. Тие велат  дека по ваква улица цела со дупки минуваат секојдневно одејќи на работа, училиште и до болница. Бараат општината да се нафати и да ја асфалтира улицата и потесните улички кои водат до нивните домови. Цветан Андоновски крајно е револтиран од според него неодговорниот однос на надлежните институции за асфалтирање на патиштата. Тој е повратник од Германија и нагласи дека за 40 години колку што живеел во странство не исчистил толку обувки колку за 4 дена во Охрид.

„Ние имаме голем проблем што немаме пат никаков излез на асфалт ниту за децата ниту за колите. Проблемот е во тоа што ние имаме платено комуналии и довод и одвод и се што треба, пред кратко време добивме осветлување на улиците а патиштата не се направени. Јас не можам да сфатам во такво едно убаво место да имаме проблем со патиштата. Сите знаат дека има доволно пари за вакви кратки патишта да се направат. А ние не сакаме да чекаме да се менат партиите да се гласа па да се направат патиштата, него сакаме да се направат како што следува бидејќи имаме платено комуналии.

sirma vojvodaКатастрофа е да живееш на ваква улица, имаме чуство дека се движиме по нива, вели Рада Целеска жител на Сирма Војвода. Движењето по улицата воопшто не е безбедно ниту за нас повозрасните ниту за децата, додава таа.

„Уште кога беше Петрески почнаа да ја прават, завршија избориве и сега остана недоправена, чекаме да се направи. Калови газиме години, прашини што да ви кажам, летово голтаме, цела прашина кога се градеа зградиве ни влезе дома. Ова не се издржува сите бараме што побрзо да се направи улицава.  Го молиме градоначалникот да преземи обврски и ако можи да дојди да види во какви прашини и калови живееме и децава одат нашколо и правиме со најлончиња им врзуваме на нозете па ги соблекуваат најлончињата чисти да одат на училиште.

„За време на изборите дојдоа, видоа и ни рекоа дека ќе ни ја направат и оттогаш нема ништо. Кој како ќе дојде само ветуваат, гледаат и ништо не преземаат. Исто така ни рекоа дека ќе ја направат кога ќе почне градежната сезона и пак ништо. Не знам колку градежни сезони треба да поминат за да ни ја направат улицата за да можеме нормално да се движиме по неа“, вели Петко Крстаноски од оваа улица

sirma vojvoda„Јас бев иницијатор два списоци доставивме до Петрески кога беше градоначалник. Арно ама дојдоа изборите се сменија дојде друг градоначалник. Јас живеам овде скоро 30 години, овде имаше многу кал ние самите потполнуваме со чакал бидејќи овде никако не се одеше. Само оваа улица не е направена, овие ваму улици каде што е претседателот на ВМРО ги направија остана само оваа.

Жителите на „Сирма Војвода“, според одговорот кој го добивме од општинскиот портпарол Томе Џамтоски за решение на нивниот проблем ќе мора да почекаат до напролет. Од Локалната велат дека  „Сирма Војвода“ е на врвот на приоритетите во работата на Секторот за сообраќај, патишта и улици. Доколку не се појават некои поголеми проблеми од имотно-правна природа, според програмата за 2014 година ќе биде извршена нејзина санација и сите потребни комунални зафати. Според Џамтоски во меѓувреме екипи од релевантниот Сектор заедно со жителите на овој дел од градот ќе се обидат да најдат оптимално решение за времено надминување на акутните проблеми со кои се соочуваат.

{loadposition content9}

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top