Што значи хуман третман на бездомни кучиња

Две илјади денари чини вакцинација, кастрација и чистење од паразити на едно бездомно куче. Законот за благосостојба на животните укажува дека секоја општина треба да има градско прифатилиште за кучиња. Но за жал во нашиот регион сеуште нема ниту едно прифатилиште.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Што значи висок степен на хуман третман на кучиња скитници. На оваа проблематика работеа претставници од Југозападниот плански регион во соработка со невладиниот сектор. Тие направија истражување и веќе посочуваат кои мерки треба да се преземат за надминување на проблемот. Проектниот координатор од ЈПР Арбреша Влаши вели доколку почне стерилизација, кастрација и вакцинација на 70 одсто од бездомните кучиња, проблемот ќе се реши во период од две години. Таа додава дека потребна е волја да се постави систем за функционирање на привремени прифатилишта за кучиња скитници.

„За едно куче пар машко и женско доаѓа 1500 денари за кастрација и доколку овие кучиња се носат во прифатилишта освен за константните трошоци за струја, вода и вработен… тоа значи дека за ден треба да се предвидат 50 денари за храна. Но според нивните искажувања, се смета дека храната не е проблем бидејќи имале добра соработка со угостителските објекти кои храната која останува ја подаруваат на нив“ – вели Влаши.

Таа истакна дека податоците за одржување на хуман третман на бездомните кучиња ги добиле од прифатилиштето во Скопје и од здружението Анима Мунди. Таа посочи дел од искуствата од скопското прифатилиште.

„Не треба да се групираат кучиња во прифатилиште затоа што се отвараат други проблеми…тоа значи дека има одреден број на кучиња кои треба да се задржат…не можам да дадам одговор колку, но со текот на целиот процес паралелно треба да се води кампања за вдомување на кучиња според закон, а не кучињата да останат во прифатилиште“.

Влаши потенцира дека согласно Законот за благосостојба на животните секоја општина треба да има градско прифатилиште за кучиња и за 20 кучиња треба да биде вработен еден човек. Додава дека во нашиот регион, за жал, сеуште нема ниту едно прифатилиште. Инаку податоците од СВР Охрид говорат дека оваа година во регионот се регистрирани десетина напади врз луѓе од бездомни кучиња. Неодамна во Центар Жупа средовечна жена беше искасана до смрт од бездомни кучиња.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top