На кобниот 5ти септември 2009 та година при потонувањето на бродот „Илинден“ животите ги загубија 15 бугарски туристи. Денес им беше укажана достојна почит со положување на свежо цвеќе пред споменикот на кејот Македонија.
Со положување на свежо цвеќе и поклонение, денес беа одбележани шест години од трагичната бродска несреќа во Охридското Езеро во која загинаа 15 бугарски туристи. Претставници од локалната самоуправа, здружението „5ти Септември“, претставници од Ротари и Ротаракт клубовите, Капетанијата како и Бугарскиот културно-информативен центар од Скопје им одадоа достојна почит на жртвите во овој немил настан.
„Благодарност за достојното внимание кои им се укажува, страдаме до ден-денес, благодарност што се продолжува почитта. Тагата е голема и не може да помине, се навикнавме на болката.“-вели Светлана Славова-Бугарски културно-информативен центар-Скопје.
Заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев, вели дека оваа несреќа не потсетува и опаметува во насока на подобрување на услугите кои се нудат на туристите од аспект на нивна поголема безбедност.
„Таа бродска несреќа секоја година не потсетува дека таквото нешто не требаше да се случи, но се случи, но во иднина не би требало да се случува. Дали му наштети на Охрид, таа порака не беше убава за светот, но бројот на туристи кои доаѓаат од Бугарија после несреќата е се поголем што пак ни праќа една друга порака, дека Охрид како град се обидува да направи се она што е во корист на градот, Охрид се обидува да го даде најдоброто за туристите.“-рече заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
Капетанот на Капетанијата на пристаништата на Република Македонија, Горан Устијаноски, вели дека 5ти Септември е црн датум не само за семејствата на загинатите и Бугарија туку и за сите охриѓани.
„На овој ден, ден на трагедија не само за нашите соседи од Бугарија и семејствата на загинатите, туку и за Охрид и за нашето бродарство, сочувствуваме со сите оние кои се соочија со овој несакан момент. Капетанијата на пристаништата го искажува своето сочуство, како и министерството за транспорт и врски, ние неуморно и постојано работиме на подигнување на свеста на сите оние кои учествуваат во внатрешната пловидба, на сите учесници во наутиката, се преземаат конкретни мерки за регулирање на бродскиот сообраќај, подигнување на стандардите за техничките прегледи на чамците, начинот на нивното движење. Со сите тие мерки кои што ги преземаме и што треба да се преземат се надеваме дека нивото на безбедноста во одредена мера ќе биде повисоко.“-изјави капетанот Устијаноски.
Минатата година, градоначалникот Бакрачески најави дека во план е изградба на ново спомен обележје на загинатите туристи на местото на трагичната несреќа кај авто кампот „Елешец“. Иако оваа најава сеуште не е реализирана, од локалната велат дека ваквата идеја сеуште стои, а имаше и ветувања од бугарскиот конзулат дека реализацијата на ова спомен обележје финансиски ќе биде помогнато и од бугарската влада.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град