Шарени чорапи за светскиот ден на лицата со Даунов синдром

Шарени чорапи денес облекоа жените од Лајонс клубот „Деница“ за да го одбележат светскиот ден на лицата со Даунов синдром. Нивната порака е сите барем за миг  да се запрашаме дали правиме доволно како поединци и општество за овие лица.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Анастазија Жупан е млада девојка која ги сака истите работи како и нејзините врснички. Сака музика, обожува да се капи во езерото, да шета по охридската чаршија, да се дотерува, да се дружи со своите пријателки со кои ги споделува своите тајни. Анастазија секогаш е насмеана и ведра и со неа е задоволство да се разговара. Дури тоа ако знаеш можеш да го направиш и на шпански, бидејќи Анастазија има познавања и од овој јазик. Таа е активна и не  бега од обврски, туку ги исполнува со задоволство. Таа е дел од Лајонс клубот „Деница“ каде учествува во сите активности посебно оние од хуманитарен карактер.

Јас учествувам во хуманитарните акции, подготвуваме пакети и се друго што е потребно, вели Анастазија.

Најголема поддршка за Анастазија е нејзиното семејство кое неизмерно ја сака. Нејзината мајка Јелена Жупан вели дека тие со сите сили се борат на Анастазија да и овозможат што понормален живот бидејќи сеуште живееме во општество каде различностите тешко се прифаќаат. „Кога добивате дете со посебни потреби тогаш семејството станува семејство со посебни потреби“, вели Јелена. Но додава дека се труди секогаш да ги гледа работите од посветлата страна. Таа објаснува дека сеуште се борат со незаинтересираноста на институциите посебно на образованието и здравството бидејќи можностите за продолжување на школувањето на лицата со попреченост и можностите за нивно вработување, кај нас, се исклучително мали. За тоа не постои стратегија. Кај нас овие граѓани се оставени исклучиво на грижата на нивните семејства. Денес кога се одбележува Светскиот ден на лицата со Даунов синдром уште еднаш треба да се потсетиме дека тие се дел од ова општество и да дадеме поддршка во нивната борба за интеграција во општеството, вели Жупан.

Овој ден на еден симболичен начин покажуваме дека ние можеме да им помогнеме на овие деца во нивните напори  да се вклучат во општествените текови и да ве направат еден горд родител, вели Жупан.

Поддршката од пошироката заедница за овие лица и нивните семејства е неопходна со цел да му се овозможи на детето да оствари социјална интеракција и надвор од семејниот круг. Денес како подршка на овие лица облечете шарени или различни чорапи за да покажете дека сте свесни за нив. Шарени чорапи денес облекоа и жените од Лајонс клубот „Деница“ чија членка е и Јелена Жупан, гордата мајка на Анастазија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top