Сертификатите за прележан ковид наместо 45 да траат 180 дена

По денешната одржана седница, Комисијата за заразни болести донесе неколку препораки кои ќе му бидат доставени на министерот за здравство, а потоа ќе се најдат и пред кризниот штаб. Се продолжува важноста на сертификатите за прележан ковид од 45 на 180 дена, протоколите за лекување ќе станат подостапни за сите оние кои се вклучени во процесот на лекување, ќе се спроведе скрининг во училиштата за да се направи увид во распространетоста на вирусот во овој дел од популацијата и направена е детална анализа за смртноста во првиот месец од оваа година од ковид 19.

 |   | 

Сертификатите за прележан ковид 19 наместо досегашните 45 дена да траат 180 дена од датумот на позитивен ПСР тест. Исто така направена е анализа на сите случаи на хоспитализации и смрт во периодот од 1-31.01.2022 година.

Во периодот 1-31.01.2022, анализата покажува дека во анализираниот период само шест лица кои примиле трета доза вакцина, завршиле со смртен исход и тоа сите смртни случаи имале коморбидитети, како карцином, дијабет и кардиоваскуларни заболувања обезност – истакна д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести.

За целосно вакцинирани се сметаат лицата кои примиле бустер доза трета. Населението треба да знае дека во овие изминати две години се покажа дека вакцинацијата е единствениот начин да се намали и морбидитетот и морталитетот. Со примање на две и трета доза на вакцината не значи дека сме отпорни на болеста, има и нови варијанти – вели д-р Марија Димзова, специјалист инфектолог.

Оваа анализа имаше точно за цел да ги подели ризиците за смрт и хоспитализација, не само по однос вакциниран, туку и по тоа колку време поминало после вакцинацијата и ако по тој основ сметаме подолго од 6 месеци ефикасноста на вакцината не е истата со 3 месеци после вакцинацијата – објаснува проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Проф. д-р Петличковски потенцира дека во анализата убаво е наведено дека заштитата на вакцината од смрт е 97% и над 91% по однос на хоспитализација, доколку се работи за вакцинација во последните три месеци.

Портпаролот на комисијата д-р. Мехмедовиќ дополни дека третата препорака се однесува на постоечките лекувања на пациенти од Ковид-19, кои се изработени од работната група при Министерството за здравство и катедрата за семејна медицина во соработка со матичните лекари. Овие протоколи за лекување комисијата прдложила да бидат објавени на сајтот на ресорното министерство, лекарската комора и доплнително испратени до матичните лекари и ковид центрите, со цел да се олесни достапноста и примената на истите. Последната препорака се однесува на скринингот на учениците за распространетоста на вирусот во овој дел од популацијата.

Достапните тестови кои се во владение на МЗ ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив за стратегијата „test to stay“ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присустсво доколку се утврди дека тој тест ќе биде негативен – додава Мехмедовиќ.

Мехмедовиќ кажа дека согласно препораките на СЗО носењето на маски во училиштата каде се одвива настава со физичко присуство останува, а исто така се планира брзи антигенски тестови да им бидат бесплатно ставени на располагање на контакти на позитивни пациенти. Тој додаде дека во врска со вакцинацијата од Комисијата не е разговарано за воведување на задолжителна вакцина, туку со зголемување на кампањата да порасне и интересот на граѓаните да бидат имунизирани, а сè уште е рано да се укинат сертификатите бидејќи тоа може да предизвика поголема трансмисија на вирусот, затоа што сертификатот има своја тежина ги штитат оние кои не можат да ги имаат, велат од комисијата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top