Купувањето училишен прибор, новата гардероба за учениците, приготвувањето зимница и средствата за огрев се само дел од трошоците кои се најнеопходни во месец септември. Како да се амортизира септемврискиот финансиски шок, експертите советуваат, да се воспостави рамка на постепено плаќање.
Септември ги оживува училиштата, но ни ги празни џебовите. Зимница, дрва, подготовка на ученици и студенти се само дел од трошоците во месец септември. Покрај редовните месечни сметки, овие давачки дополнително го оптоваруваат семејниот буџет. Добрите познавачи на економијата велат дека речиси секое семејство е соочено со економски шок за обезбедување парични средства, посебно во најдолгиот и најскапиот месец во годината. Славица Костоска за ТВМ вели дека добар економист е оној кој што добро знае да менаџира со трошоците.
„Според основните економски закони, би требало на подолг период да ги планираме и менаџираме трошоците, да заштедуваме од јуни до септември за да можеме да ги реализираме тие наши потреби или пак обратно, пак по принципот на заштеда, сега да купиме да се задолжиме на трансакционите сметки и кредитните картички и тоа во текот на наредните месеци да го вратиме“.
Костоска признава дека теоретски лесно е да се каже и да се полемизира на оваа проблематика, но во пракса е сосема поинаку и се ова тешко се остварува. Додава дека посебно треба да се земат во предвид минусните банкарски позајмувања кои не мамат, а во суштина се подлабоко не втурнуваат во криза. Што се однесува на финансиските трошоци за образованието, последниве години нема драстични промени вели Димитар Саков, шефот на АЛБИ книжарницата од Охрид.
„Цените во минативе години во споредба со неколку години наназад не се променети во трговската мрежа, сепак зборувам за цени кај брендираните производи, оние кои не се брендирани цените се далеку пониски но тука веќе и квалитетот е во прашање. Јас сум кажувал дека родителите треба да внимаваат каков прибор купуваат бидејќи во многу земји читаме по порталите дека училишните прибори се повлекуваат од продажба заради штетни материи, така да јас би препорачал родителите добро да внимаваат на декларацијата и на составот на училишниот прибор“
Саков вели дека со точност не може да се прецизира колку е потребно за училишен прибор, бидејќи тоа зависи од одделението на ученикот, но и од она што им го бара наставниот кадар за образовниот процес. Инаку, цената на еден училишен ранец се движи од 1200 – до 2000 денари, дрвени, водени, боички и фломастери може да се најдат за 100 или 150 денари, моливи, пенкала, острилки, гуми за бришење од 10, денари нагоре и. т. н. Но и Саков препорачува трошокот од месец септември да се подели, така што училишниот ранецот, патиките и фармерките може да се купат и во месеците јуни, јули, август кога има и попусти на старите колекции.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град