Семафорите на раскрсницата кај населбата Рача се само декор на магистралниот пат Охрид Св Наум. И после година дена од поставувањето на оваа вертикална сигнализација со цел подобрување на безбедноста на овој патен правец, тие сеуште не се ставени во целосна функција.
Семафорите на една од најопасните делници Охрид – Св Стефан, никако да проработат. Се почесто до нашата редакција стигнуваат забелешки на граѓани кои се интересираат која е причината поради која семафорите сеуште не се ставени во функција. Неодамна при посетата на градоначалникот Никола Бакрачески во Рача, го запрашавме дали тој како прв човек на градот има некакви сознанија, кога надлежните ќе реагираат.
„Претпоставувам дека овие семафори заради слабата фрекфенција на возила, нагласувам дека ова е само претпоставка затоа што не сме ги провериле информациите какви се размислувањата на стручните служби од Агенцијата за патишта претпоставувам дека надвор од летната сезона заради слабата фрекфенција на возила беа поставени на жолти трепкачи, а сметам дека како почнува шпицот на сезоната дека тие ќе бидат ставени во употреба и ќе ја имаат намената заради која се поставени, односно за зголемување на безбедноста на овој дел од делницата“ – вели Бакрачески.
Помина скоро една година откако Локалната самоуправа на општина Охрид заврши со своите обврски околу уредување на овој потег, потсетува градоначалникот Бакрачески.
„Се постави на наше барање како Локална самоуправа и на наше инсистирање до надлежните, Агенцијата за патишта на РМ и Македонија пат, а на барање на локалното население, кое пред две години точно на една од средбите кои ние ги остваруваме беше испорачан како проблем кој што мора да биде решен, со што се согласивме бидејќи станува збор за опасна делница каде се случуваат многу незгоди“
Проектот за новата светлосна сигнализација на патниот правец Охрид-Свети Наум го реализираат општина Охрид и ЈП „Македонија пат“, потпомогнати од ЈП државни патишта. Обврските од Локалната самоуправа и Македонија Пат се исполнети, остана уште ЈП за државни патишта, кое треба семафорите да ги пушти во функција. Телевизија ТВМ не успеа да стапи во контакт со ЈП, бидејќи од таму, веќе неколку дена не одговораат на нашите телефонски повици.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град