Остеопорозата како заболување зема се поголем замав.
Таа е системска болест на коските која се карактеризира со намалена коскена густина и нарушена микроархитектура. Остеопорозата е многу често заболување кое буквално значи порозни коски. Најсериозна последица од оваа болест е скршеница на коските дури и при минимален удар или паѓање. Ова заболување може да доведе до инвалидитет, па дури и до смрт и е познато како „Тивка епидемија“.
„Остеопорозата зема се пошироки, речиси епидемиски размери и освен што ја напаѓа женската популација, во последно време не е мал бројот на мажи кои заболуваат од оваа болест. Постoјат голем број на ризик фактори кои влијаат на нејзината појава, а тоа се: менопаузата, користење на кортокостероиди, пушењето и недоволната физичка активност“, вели Д-р Кирил Смаќоски, вработен во ПЗУ Про-вита.
„Основната борба со остеопорозата е однапред да се открие како заболување. Најголем проблем претставува фактот што истата не може да се препознае, а кога ќе се појави тогаш терапевтските процедури се долги. Постојат софистицирани техники, како што е Декса-апаратурата, која претставува сосема безопасна и неинвазивна метода, со помош на која се прави проценка на густината на коските на критичните места“, потенцира Д-р Смаќоски.
По повод 20ти октомври, светскиот ден на остеопорозата ПЗУ Про-вита од Охрид спроведува акција во која ќе се извршат 20 бесплатни прегледи на лица кои приватно не можат да си го дозволат овој преглед.
Според најновите анкети, во Македонија 125 000 луѓе се потенцијално заболени од остеопороза, а речиси 80% од скршениците на колк се резултат на ова заболување. За секојa втора жена и секој осми маж на возраст над 50 години постои ризик од ова заболување. Се смета дека секои 30 секунди во светот има појава на скршеница како директна последица на остеопорозата.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град