Секое лето истата слика пред Рамстор

Во строгиот центар на градот , веднаш до градскиот плоштад секоја година за време на туристичката сезона, истата грда слика на  палети и пакети со производи на тротоарот и зелената површина до маркетот Рамстор. Охриѓани секое лето реагираат на оваа грда слика на стовариште на самата улица. Маркетот не го поправа своето поведение а комуналните инспектори по се изгледа не планираат истото да го санкционираат.

 |   | 

И ова лето истата грда слика пред маркетот Рамстор во строгиот центар на туристички Охрид.  Палети со производи, пакети, стока на тротоар , на тревникот околу маркетот.  Граѓаните секое лето реагираат на ваквата пракса на Рамстор. Им  пречи ваквата грда слика веднаш до градскиот плоштад и Летница и посебно тоа што пијалоците кои се во ПЕТ амбалажа подолг период стојат изложени на сонце и висока температура.

„Ние сме од Србија. Пречи стоката на самиот тротоар. Да е повлечена повеќе кон маркетот можеби. “

„Пречи оваа слика. Но можеби и тие немаат избор како подобро би можеле да го организираат тоа. Многу работи сметаат но чаре им нема, верувајте. “- кажа една скопјанка.

„Најгрда слика е ова. Во центар вака не било. Се знае во централно градско подрачје како треба да биде. Не треба ни сообраќај да има овде. Ова треба да биде пешачка зона. Го уништија градов. Ова порано беше најубавата кафеана Летница а не маркети. Во кое туристичко место во центар има маркети? “ – кажа пред камерата на ТВМ една охриѓанка.

„Мислам дека не пречи.“ – кратко одговори друг граѓанин на Охрид.

„Треба да се подобрат некои работи инаку Охрид е прекрасен град.“- вели турист од Србија кој седум години доаѓа во Охрид.

„Мислам дека ова е лоша идеа. Треба да ја дислоцираат стоката. Создава лош имиџ за градот кој инаку е прекрасен“ – вели странски турист.

Реакции има и на социјалните мрежи. „Ова е Охрид, магацин на тротоар заштитен од УНЕСКО“ „ Пластични шишиња дирекно на сонце. Живели.“ „Има ли комунални инспектори?“ се дел од коментарите на охриѓани на фејсбук.

Побаравме информација од локалната самоуправа дали општинските комунални инспектори излегле на терен и
што се презема за да престане праксата јавните површини да се користат како стовариште за роба. Од таму, до затворањето на дневникот, не добивме одговор на нашите прашања.

ТВМ Телевизија секоја година, на реакции на граѓаните, пишува за овој проблем со кој локалната самоуправа не најде начин да се справи.  А од  дирекцијата на синџирот маркети Рамстор во Скопје  ни пуштаа  буквално идентичен писмен одговор. Тврдеа дека ги запазувале сите стандарди за манипулирање со производите и дека артиклите кои го заземаат просторот пред самиот маркет во најбрз рок ќе бидат отстранети, а добавувачите ќе ги известат при дотур на стоката да не ја оставаат на тротоарите. И така со години, а праксата на маркeтот никако да се промени.  Оваа сезона добавувачите не само што си растовараат на тротоар туку не ja почитуваат ниту временската рамка предвидена за дотур на стока согласно сообраќајниот режим во центарот на Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top