Градоначалникот Никола Бакрачески свика итна седница на Локалниот економски совет поради обидите на некои медиуми да стават дамка на овогодинепната туристичка сезона. Експертите рекоа дека нема основа за водење негативна кампања против градов и дека час поскоро треба да се изготви маркетинг стратегија за подобрување на нарушениот туристичкиот углед на Охрид.
Неодамнешните пишувања и прилози во некои електронски и печатени медиуми околу ниското ниво на услуги во туристичкиот сектор и високите цени на туристичките услуги и производи во Охрид, беа причина Градоначалникот да свика итна седница на Локалниот економски совет во екот на туристичкава сезона. Седницата се одржа во проширен состав и на неа присуствуваа претставници од сите субјекти кои учествуват во креирањето на туристичката понуда во градов. Бакрачески рече дека општ впечаток на сите бил дека обидите да се оцрни градов со констатации дека е прескап и дека не нуди добра понуда, се неосновани.
–Наша цел беше да го слушнеме нивното мислење во однос на обидите за креирање на лош имиџ на Охрид и туристичката понуда во градов. Факт е дека во последните неколку години имаме растечки тренд на странски гости и еден мал тренд на намалување на домашни гости, за што и денес дискутиравме и заклучивме дека треба да се изнајдат начини понудата за домашните гости да се направи подостапна, вели Бакрачески.
Експертите се согласуваат дека нема основа за водење негативна кампања против градов, но додаваат дека Охрид треба да поработи на подобрување на услугите во угостителските објекти како на пример збогатување на менијата и понудата, а и да се воведат некои маркетиншки мерки, кои можат да донесат подобри резултати.
–Она што јас го предложив е Охрид да преземе ат хок мерки како на пример угостителските објекти да воведат happy hour, а хотелите, за да се зголеми должината на престој на гостите, да излезат со иницијативи за намалување на цените во периодот кога објектот е понепосетен.-вели Лела Крстевска, претседател на Стопанската комора за туризам.
Претседателот на Стопанската комора и член на Економскиот совет на Охрид, Бранко Азески вели дека сега е доцна за да се преземаат било какви мерки за подобрување на сезоната која е во тек. Азески е дециден дека веднаш по нејзиното завршување треба да следи сериозна анализа на состојбите, врз основа на што треба да започне изготвувањето на стратегијата за развој на туризмот во Охрид.
– Охрид мора реално да ги дефинира туристичките потенцијали, само така ќе ги најде вистинските одговори во кој правец ќе тргне туризмот во Охрид. Треба отворено да се разговара помеѓу државата, локалната и приватниот сектор за да се најдат предвидливи очекувања-рече Азески.
Општ заклучок на состанокот беше дека час поскоро е потребно да се изготви маркетинг стратегија за подобрување на нарушениот туристичкиот углед на Охрид.
Дека состојбата во туризмот не е розова се согласуват сите и граѓаните и туристичките работници. Но, останува прашањето дали вината е само на охриѓани и Локалната власт. Дали можеби и државата треба повеќе да поводи сметка за овој најголем туристички центар во Македонија. Имено во постоечката национална стратегија за развој на туризмот многу малку е посветен простор на Охрид. Но, бидејќи рокот на оваа стратегија истекува во 2015год., еве можност Локалната да се наметне со свои забелешки, сугестии и насоки кои ќе бидат имплементирани во новата стратегија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град