Се уништуваат дворовите на градинката „Јасна Ристеска“

Искшени огради,  оштетени и уништени детски игралишта, расфрлани отпадоци од секаков вид во тревниците, уништени градини, ова е сликата во дворните места на некои од објектите на градинката Јасна Ристеска. Несовесни граѓани бесправно влегуваат и ги уништуваат. Од градинкатa апелираат да престане ваквата појава зошто на тој што ќе биде фатен ќе му биде изречена висока казна.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Дворните места од објектите на градинката „Јасна Ристеска“, мета на несовесни граѓани. Од градинката се жалат дека најверојатно малолетници бесправно влегуваат, се задржуваат и ги користат дворните површини од објектите на градинката, особено во попладневните и вечерните часови, а притоа прават штета на имотот на градинката. Ги кршат оградите, ги оштетуваат и уништуваат детските игралишта, се качуваат на покривите од објектите, расфрлаат отпадоци од секаков вид во тревниците, ги уништуваат градините, кршат гранки и ги корнат посадените растенија од страна на децата. Директорката на градинката, Розе Костеска вели дека со ваквото однесување вршат прекршок и апелира до родителите да ги опоменат своите деца бидејќи за вакво прекршување на законот следуваат високи казни.

Прв момент кога ќе затекнеме лице дека бесправно е влезено во дворот на некој од нашите објекти веднаш ќе биде казнето а казната воопшто не е мала и изнесува 400 евра. Затоа ги молиме сите инволвирани да престанат со ваквото однесување, вели директорката.

За ваквата појава информиран е и Секторот за внатрешни работи од каде се зачестени контролите околу објектите на градинката. Во попладневните часови доаѓа и чувар кој контролира каква е состојбата, но тие кои го уништуваат имотот на градинката се добро информирани па доаѓаат кога нема никој, вели Костоска.

Јас ја разбирам потребата на децата и родителите своето слободно време да го поминуваат во некое уредено катче бидејќи во градов има се помалку таков простор. Еве ние сме подготвени да ги отвориме вратите на дворовите во нашите објекти, но тие кои ќе доаѓаат треба да се грижат за имотот, а и да помагаат во неговото одржување, вели Костоска.

Најмногу на удар на ваквото вандалско однесување е градинката „Развигорче“ каде минатата година целата ограда била заменета со нова, а сега таа околу 40% е искршена и уништена па загрозена е безбедноста на дечињата кои престојуваат таму. Костоска смета дека треба веќе да се стави крај на уништувањето на општествените добра и да се подигне свеста кај граѓаните.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top