Се сруши дел од коловозот на ул „Славеј Планина“

Се сруши дел од коловозот на улицата Славеј Планина поради градење нова зграда. Жителите месеци наназад бараат стопирање на изградбата на станбениот објект на приватен инвеститор поради штетите кои настануваат на куќите околу градилиштето.  Од Општината велат дека по итна постапка ќе се утврдувале пропустите и ќе се санирала штетата.

 |   | 

Жители на ул „Славеј Планина“ бараат стопирање на градежни работи на станбен објект кои предизвикале свлечиште и уривање на половина од коловозот. Од почетокот на градбата пред околу 5 месеци граѓаните во повеќе наврати реагирале и пријавувале во општинскиот инспекторат дека околните куќи трпат штети. Инспекцијата прв пат излегла на терен пред еден месец кога напукнал патот но градбата не била стопирана. Конечно во саботата, кога се урнал дел од патот, надлежен инспектор поставил жолта лента за прекин на градежни зафати. Утрово инвеститорот имал намера да санира при што бил спречен од мештаните и била повикана полиција и инспекција, објаснува за ТВМ, Перо Снегаров.  


„Ја паркирав колата тука за да не може да се работи додека не дојде некој надлежен да ми потпише и гарантира дека нема да ми се оштети куќата. Сите куќи се измрдани, поместени се, нарушена им е статиката. Ќе бараме и судско вештачење да се докаже тоа но во меѓувреме мора да се прекине градењето. Додека не се докаже ова што се работи тука дали е во ред или не и кој е надлежен да ја поправа улицата. Нека дојдат со проект за санација каде ќе стои дека некој гарантира дека доколку се оштети куќата да знаеме ние понатаму каде да бараме одговорност. “ – вели Снегаров.

Неговата сосетка, Лидија Софкоска, вели дека штетите на околните куќи од ден на ден се се поголеми но никој досега не му издал времена забрана на инвеститорот да престане со работа додека не се изврши санација и да се изнајде начин да се спречи понатамошно загрозување на околните куќи.

„Статиката на куќата ни е целосно нарушена. На средина имаме едни кратери како од земјотрес по Рихтер од 9 степени. Не знам како е возможно повеќе да се живее во куќава. Ние по судски истанци направивме се што можевме , не се реагира од општината, нема престанок на работата. Тој и денес , да не дојдевте вие пак ќе почнеше да работи. Кранот е тука го гледате. Едноставно човекот е закон во Охрид.“– кажа Софкоска.

Од Општина Охрид за ТВМ, со допис, ни одговорија дека  на самото место е направен инспекциски надзор од градежен инспектор, а градилиштето е веднаш затворено.

„Општина Охрид  по брза постапка  ги превзема сите активности со цел да се утврдат пропустите и да се санираат штетите откако се појави свлечиште  на дел од коловозот на ул. „Славеј Планина“ каде приватен инвеститор гради станбен објект. Во најкраток период ќе следи вештачење од страна на соодветно стручно лице.“

Од локалната самоуправа велат дека согласно закон  по скратена постапка, општината ќе избере економски оператор за санирање на настанатата штета.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top