Се поставуваат нови постојки во Охрид

Отпочна поставувањето на новите автобуски стојалишта, долж булеварот „Туристичка“. За брзо време охриѓани истите ќе можат да ги користат, најавуваат од Сектор за комунални дејности сообраќај и улици.

 |  Николоска Биљана  | 

Нови автобуски постојки се поставуваат во Охрид. Конечно градот ќе добие постојки како што доликува на главниот туристички центар. Во моментов на повеќе автобуски стојалишта речиси и да нема ништо, ниту покрив, ниту клупа каде да се седне а старите се веќе уништени од страна на несовесни граѓани. Акцијата отпочна денес а ќе продолжи и во наредниве денови информираше портпаролот на Сектор за комунални дејности сообраќај и улици, Љупчо Танески.

„На однапред утврдени 5 локации фирмата „Турбо инженеринг“ од Скопје веќе изврши определени покрупни градежни активности со тоа што ги обележа местата и ги постави основите за конструкциите за автобуските постојки кои ќе бидат поставени. Во секој момент очекуваме да стигнат и автобуските постојки и да бидат монтирани со што охриѓани ќе можат и официјално да ги користат“.

Сите пет локации се на бул „Туристичка“. Две од нив се кај маркетот „Тамаро“ во непосредна близина на ул. „Абас Емин“, една кај зградата на Печијаре, стојалиште има помеѓу Охридската гимназија и ОУ „Григор Прличев“ и една веднаш после пресекот на Туристичка со ул „Јане Сандански“. Танески информираше дека автобуските стојалишта се поставуваат согласно приоритетните потреби на граѓаните, согласно програмата за комунално уредување на општина Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top