За оваа учебна година морало да се бара одобрение за формирање на паралелки со помал број ученици од минималните 25.
Намалениот наталитет, се помалите генерации кои запишуваат и завршуваат основно образование ги преполовија паралелките во средното економско училиште „Св.Кирил и Методиј“. Сегашната генерација која запиша прва година, а особено наредната, според статистичките податоци се најмали по бројот на дечиња. За оваа учебна година, менаџментот на ова средно училиште бил приморан да бара одобрение за формирање на паралелки со помал број од законскиот минимум од 25 ученици што е сериозно намалување во споредба со генерациите од пред десетина години кога економските паралелки броеја и по 40 деца.
„Овие генерации, оваа генерација сега што се запиша и следната се генерации со доста мал број, статистиката на следење на наталитетот и генерациски како се запишуваат и завршуваат основно образование покажува дека посебно следната генерација која треба да се запише во средно училиште е доста во квантитет во број мали генерации. Тоа кај здравствената струка не можеме да го почувствуваме бидејќи имаме една паралелка и максимално се пополнува бројот, овде го чувствуваме, паралелките се дури по помалку од 20 ученици, 18 до 20, добивме одобрение за да работиме со паралелки со помал број од дозволениот.“-вели директорката на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“, Славица Костоска.
Костоска вели дека ова не значи дека економската паралелка е неатрактивна, туку е само уште еден доказ дека проблемот со малиот наталитет и број на ученици кои излегуваат од основно образование ги зафаќа сите средни училишта. Ваквиот недостиг на ученици, во економското училиште донекаде се обидуваат да го намалат со запишување на ученици од соседна Албанија.
„Сепак се бориме со проблем кој е на државно ниво, намален наталитет, но можам да кажам дека имаме интерес од соседна Албанија, од Корча, од Пустец, се запишуваат одлични ученици по двајца во генерација се запишуваат во медицинската струка, а имаме и заинтересирани оваа година, тројца ученици и за економско правната и трговска струка. Исто така и од општина Голо Брдо доаѓаат овде ученици. Со тоа што кај нив, потешко го владеат македонскиот јазик и литература.“-рече Костоска.
Со цел да им излезат на овие деца во пресрет, од училиштето преку проект ангажирале и професорка која во првите три месеци од школската година интензивно ги подготвува учениците и ги учи на македонскиот јазик, а им помага и директно по конкретните предмети. Минатата година овој проект се покажал како успешен, па со истиот се продолжува и годинава. Инаку за разлика од паралелките на економско правната и трговска струка кои се четири на број, во здравствената струка пак училиштето нема проблем со пополнување на местата и таму се запишува максималниот дозволен број на ученици, но станува збор за само една ваква паралелка.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град