Глувите и наглуви лица од градов преку своето здружение постојано се борат за подобрувањето на квалитетот на нивниот живот. Младите кои се школуваат најчесто тоа го прават во специјализираните училишта во државава. Оние пак кои остануваат да учат во градов бараат да се зголеми бројот на толкувачи на знаковниот јазик како би можеле да ја следат наставата. Сакаат и што поскоро градоначалникот Никола Бакрачески да го исполни ветувањето и да го уреди патниот правец кој води до хотелот Даљан кој е нивно собиралиште.
Полека, но сигурно се подобруваат условите во градов и во државава за лицата со оштетен слух. Во охридското здружение на глуви и наглуви лица има околу 150 членови од кои неколку се малолетни лица. Двајца од нив се во основно образование, двајца се средношколци едн апсолвент,а има и едно 4 годишно дете кое оди на подготвителна настава во училиштето во Битола за деца со оштетен слух. Според сегашните законски решенија родителите се тие кои одлучуваат каде ќе се школуваат нивните деца, дали ќе посетуваат некое специјализирано училиште или пак ќе следат настава во училиштата во градов.
Многу е тешко , но се надевам дека во иднина ќе се менуваат работите во образовниот процес, а се надевам и дека Локалната ќе има слух да вработи што поголем број на лица со оштетен слух бидејќи тие се работоспособни само им е потебно некој да им подаде рака, а треба да се ангажираат и поголем број преведувачи во институциите, вели Славица Стефаноска- претседател на Здружението на глуви и наглуви лица во Охрид.
Стефаноска објаснува дека во градов има двајца толкувачи кои имаат највисок степен и лиценца за толкување на знаковниот јазик. Таа апелира до младите да се заинтересираат да го изучат овој јазик со кој во голема мера ќе им помогнат на луѓето кои живеат во светот на тишината. Претседателката на охридското здружение кажува дека многу значаен сегмент за развојот на личноста на луѓето со оштетен слух е нивната социјализација. Таа објаснува дека со ваква цел организираат голем број настани и манифестации во кои ги вклучуваат глувите и наглувите лица. Таквите настани најчесто се случуваат во хотел Даљан кој е во нивна сопственост и кој е едно катче за дружба на оваа категорија на граѓани. Таму доаѓаат гости од цела Македонија. Стефаноска уште еднаш потсети на проблемот кој го имаат веќе години наназад, а тоа е неуредениот пристап и неосветлениот патен правец кој води до хотелот. Локалната е таа која треба да го среди ова место.
Имавме средба со Локалната самоуправа заедно со нашиот претседател Васко Марков. Наидовме на разбирање од страна на градоначалникот кој ни даде ветување дека пролетва ќе се заангажираат и тој патен правец ќе го уредат и
ќе го осветлат како нашите членови полесно би се снаоѓале при посетата на хотелот Даљан, вели Стефаноска.
Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид неодамна го прослави својот 60ти роденден. Неговото постоење е пропратено со голем број активности, успеси и залагања за животот на лицата со оштетен слух да го направат подостоинствен и поубав. Во тој правец продолжуваат и понатаму.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град