• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Се одржа консултативна работилница за управување со Споменикот на природата Охридско езеро

Се одржа консултативна работилница за управување со Споменикот на природата Охридско езеро

Денес се одржа консултативна работилница по Нацрт планот за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро. Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков вели дека од нашите стратешки определби и преземени активности зависи зачувувањето на извонредните природни вредности и био-диверзитетот на Охридското Езеро, додека Зоран Ногачески градоначалникот на Општина Дебрца се надева дека овој документ нема да остане само мртво слово на хартија.

 |   | 

Денес преку Zoom платформата се одржа консултативна работилница со засегнатите страни по Нацрт планот за управување со Споменикот на природата на Охридското Езеро. Овој документ е подготвен во рамките на проектот „Постигнување на зачувување на биолошката разновидност преку создавање и ефективно управување со заштитените подрачја во планирање за користење на земјиштето“, со експертска поддршка од Меѓународната унија за заштита на природата. Целта на работилницата е да обезбеди пошироко вклучување на засегнатите страни, да се добие препораки и коментари за предлогот и да се обезбеди добар квалитет и применливост на документот.

Кирил Пецаков, Градоначалник на Општина Охрид истакна дека токму од нашите стратешки определби и преземени активности зависи зачувувањето на Охридското Езеро.

Преку овој настан сите заедно се вклучуваме во процесот на заштита на Охридското Езеро. Од нашите стратешки определби и преземени активности зависи зачувувањето на извонредните природни вредности и био-диверзитетот на Охридското Езеро, така да нашето езеро како светска природна реткост е под заштита на УНЕСКО од 1980 година што не прави горди и привилегирани, но и не обврзува максимално да водиме грижа за неговата заштита – вели Пецаков.

Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески пак, потсети дека пред извесно време заедно со градоначалниците на Општините Охрид и Струга беше потпишана заедничка изјава за поддршка на процесот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, а дел од активностите кои се поддржуваа е и овој нацрт план.

Јас се надевам дека во целиот процес максимално ќе бидат вклопени сите мислења на засегнатите страни, со што ќе добиеме еден извонреден документ, меѓутоа се надевам после донесувањето на тој документ дека тој нема да остане мртво слово на хартија и дека сите инволвирани и засегнати чинители, максимално ќе се потрудиме да ги реализираме сите активности планирани во акционите планови – рече Ногачески.

Откако актот за повторно прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе биде усвоен од Собранието, Телото за управување со Охридското Езеро во соработка со МЖСПП ќе иницира правна постапка за усвојување на Планот за управување со Охридското Езеро, вклучувајќи официјален процес на Јавна консултација со јавноста и формално побарани мислења од сите засегнати страни. Нацрт планот за управување со Споменикот на природата на Охридското Езеро ќе биде достапен за повратни информации и коментари до 19 ноември 2021 година, а ќе биде ревидиран по анализата на добиените коментари од засегнатите страни.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top