Се очекува да се стави во функција реконструираниот дел од болницата „Св. Еразмо“

Охрид е втор центар за неврохиругија во земјава, каде се лекуваат пациенти од цела западна Македонија. Во болницата „Свети Еразмо“ се прават најсложените оперативни зафати. Кадар има, има и медицинска опрема, но просторните услови не се добри. Се чека да биде пуштен во употреба новиот реновиран блок.

 |   | 

Во специјалната болница „Свети Еразмо“ Охрид се прават најсложените неврохируршки интервенции.

Има доволно лекари специјалисти. Дваесет години имаше еден неврохирург, изминативе неколку години се двајца, а има и доволно анестезиолози. После неврохируршката клиника Скопје, Охрид е втор центар за неврохиругија во земјава, каде се лекуваат пациенти од цела западна Македонија. Годишно се изведуваат по стотина неврохируршки операции.

Останува да се пушти во употреба новиот реновиран блок на болницата, каде ќе има многу подобри услови за работа и третман на пациентите.

Таму ќе имаме една сала плус, ќе имаме многу современа интензивна нега. Моментално горе-долу сме екипирани со анестезиолози затоа што неврохирургијата без анестезија е фактички ништо, празно слово на хартија. Затоа што ние ќе ја направиме операцијата, но за време и после операција главната грижа останува на анестезиолозите кои што многу пациенти треба да останат на машина неколку часа до неколку денови. Со почнување на работа на новиот оперативен блок ние од срце се надеваме дека тоа ќе биде брзо за доброто на народот, а и за нас условите ќе бидат многу подобри – вели д-р Митре Милошески.

Болницата располага и со доволно медицинска апаратура, во чекор со светските трендови. Пред десетина денови доби современ неврохируршки оперативен микроскоп за изведување на сложени операции.

Сега набавивме и современи апарати за невродијагостика, односно невро следење, така да ние ако решиме да работиме пример периферни нерви, комплицирани трансплантации на нерви имаме доста обучени невролози кои што може на оперативното поле да не следат до каде сме, какво е оштетувањето, дали добро сме ја завршиле работата. И тоа го имаме, меѓутоа неврохирургијата е многу динамична работа и таа фактички нема крај. Затоа велиме она што го имаме добро е, но неврохирургијата во светски рамки е отидена многу напред со ендоскопски методи кои што се многу напредни. Ние сме далеку, но она што го работиме имаме безбедни услови за работење – додава д-р Милошески.

Реконструкцијата на болницата „Свети Еразмо“ започна во 2015 година, околу 90% од градежните работи се завршени, но таа не е пуштена во употреба поради спор меѓу изведувачот и министерството за здравство.

 

Новинар Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top