Се интензивираат работите на пешачката патека од мостот до Билјанини извори

Се интензивираат работите на пешачката патека од мостот до Билјанини извори. Од Секторот за комунални дејности велат дека иако според договорот патеката треба да биде готова за една година, а тоа значи на есен, таа ќе биде направена и побрзо. Најголем интензитет на градежни работи се очекува во пролетниов период.

 |  Јаковлева Лионела  | 

По краткиот прекин поради лошите временски услови повторно се интензивираат работите на рекреативната патека од мостот кај езерската полиција до Билјанини извори.  Ќе се дозавршува ископувањето на ровови во постоечкиот канал, транспорт на ископаниот материјалот и одведување на водата која што е во каналот за да се вршат градежните работи. Потоа започнува изградбата на двометарската платформа која ќе се наоѓа на десната страна од постоечкиот канал, која што освен визуелен аспект ќе има и големо техничко значење со тоа што ќе обезбедува и пристап до пловните објекти. Рокот за комплетна реализација на овој проект, изградба на пешачка патека во должина околу 500 метри, вреден околу 300 000 евра, е 12 месеци. Градежните работи започнаа во октомври минатата година.

По инсистирање на надзорните служби и на Секторот за комунални дејности и по инсистирање на раководните лица посебно на градоначалникот градежните активности се одвиваат под полна пареа и со забрзан интензитет па очекуваме и поскоро од планираното да биде завршена оваа пешачка патека, вели Љупчо Танески- Сектор за комунален развој, сообраќај и улици.

Со овој проект пртедвидено е оформување на  коритото на каналот Студенчишта. По целата должина на патеката ќе биде поплочен постоечкиот канал, од двете страни ќе се наоѓаат пешачко рекреативни зони кои што ќе бидат изградени во целост од еколошки материјали, ќе има два дрвени моста и два видиковци кои што ќе даваат една посебна убавина на оваа патека.

Очекуваме градежните активности на овој градежен објект да се одвиваат уште  позабрзанo, но сето тоа најмногу зависи од временските услови. Максимумот на градежни активности се очекува во месеците март, април и мај бидејќи тогаш најмногу може да се работи на отворено, а задоволството од овој зафат ќе биде на сите охриѓани и гости кои ќе се шетаат по оваа патека, вели Танески.

Градежните работи за пешачко рекреативната патека кај каналот Студенчишта ги изведува ДООЕЛ Бифора Инженеринг од Охрид, кој се јави како најповолен понудувач, а со кој економски оператор општина Охрид склучи и договор. Инаку овој проект е согласно годинешната програма за работа на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top