Завршија и последните подготовки за утрешната црковно-народна манифестација Богојавление- Водици. Се очекува по крстот да скокаат неколку стотини капачи, а чинот да го проследат неколку илјади гости.
Се е подготвено за големиот христијански празник Богојавление- Водици. Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека општината заедно со јавните претпријатија ги завршија и последните подготовки за утрешната црковно-народна манифестација и се заблагодари на сите кои несебично помогнаа за и оваа година празникот да измине во најдобар ред и организација. Чествувањето ќе започне рано наутро со свечените литургии во сите храмови во градов по што во 9.45 литиите од црквите ќе се упатат на градското пристаниште каде во 10 часот ќе се изврши фрлањето на светиот крст во водите на езерото. Се очекува по крстот да скокаат неколку стотини капачи, а чинот да го проследат неколку илјади гости.
Најголем дел од гостите ќе бидат од РМ, но ќе има гости и од соседните земји. Најавено е доаѓање на туристи од Бугарија, Србија, Грција и Албанија како и од збратимените градови со Општина Охрид, преставници на дипломатскиот Кор, најавено е присуство и на претседателот на Европската комисија за Македонија, г-динот Жбогар. Значи ќе има гости од секаде па дури и од далечни земји како што е Австралија, рече Бакрачески.
Утре во 11 часот на Сараиште ќе се одржи групното крштевање, манифестација која веќе станува традиција во Охрид. Сите овие активности утрешниот ден ќе го направат вистинско несекојдневно уживање за посетителите. Во пресрет на одбележувањето на Богојавление- Водици излегоа и преставниците на туристичкиот еснаф во градов.
Направија корекција на цените на услугите кои ги нудат. Како хотелските така и останатите угостителски објекти ги намалија цените за 15 до 50% така што се е подготвено за Охрид да се престави во најдобро светло за овој празник кој станува наш препознатлив бренд, вели Бакрачески.
На 20ти јануари ќе се одржи големата народна манифестација и хепенинг, а тоа е Денот на рибарите кога традиционално на Сараиште се собира поголема маса од народ кои ќе можат да ја вкусат познатата рибја чорба, пача и други традиционални специјалитети, греано вино и ракија. За добрата атмосфера и расположение на присутните ќе се погрижи групата Билјана јуниор.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град