СДСМ: Малото пристаниште ќе биде приватен ресторан на лица блиски до власта

Тие побараа вклучување на јавноста и граѓаните во поширока јавна расправа околу тоа како треба да изгледа малото пристаниште.

 |  Мишел Наумоски  | 
malo pristaniste

Малото пристаниште ќе биде приватен ресторан на лица блиски до власта-обвинија денес советниците од Сдсм од Охрид. Тие сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ државниот имот го распродава на свои блиски поддржувачи кои потоа, според СДСМ, стануваат финансиери на партијата. Додаваат дека од проектот за малото пристаниште корист ќе имаат само поединци блиски на власта.

sdsm malo pristaniste„Дрскоста на власта на ВМРО-ДПМНЕ оди дотаму што на најубавиот дел од Охридското Езеро лажно им ветува на граѓаните дека ќе биде изградено пристаниште за 20-тина пловни објекти, а како што и сами можете да видите, тука нема ни потребна длабочина за тоа. Така наречената „марина“ или „мало пристаниште“ всушност ќе биде приватен ресторан на лица блиски до власта. Со ваков проект ќе биде нарушен еколошкиот систем на Охридското Езеро. Дополнително, граѓаните на Охрид нема да добијат соодветен економски ефект како што ниту добиваа досега со владеењето на оваа локална власт ниту да имаат побогат општински буџет.“-вели Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ од Охрид.

Стојаноски вели дека за проектот за малото пристаниште мора да има поширока јавна расправа во која ќе бидат вклучени граѓаните, но и експертите од областа на екологијата. Според СДСМ, токму имињата на експертите кои ја изработиле физибилити студијата за малото пристаниште е тоа што засега останува непознаница.

malo pristaniste„Ние сигурно не ги знаеме, а ние сме советници и би требало на јавната расправа која ќе се води по оваа физибилити студија да излезат тие експерти. Ние и на изјавата која што ја дадовме веднаш после седницата кажавме дека во здрави физибилити студии секогаш се ангажираат подексперти кои се задолжени за технолошкиот дел на физибилити студијата, во случајот за еколошката анализа на оваа студија. И тогаш пред нас никој не излезе, ниту на прашањето кое што го поставивме до изработувачот на физибилити студијата не ни беше кажано кој е тој што е задолжен за еколошката анализа. Охрид си има и Хидробиолошки завод, во него има еминентни стручњаци кои што секако дека може да ја направат таа анализа во интерес на градоначалникот и во интерес на подобра физибилити студија.“-рече Стојаноски.

Од СДСМ воедно одговарајќи на новинарско прашање ја пофалија конструктивноста на дел од советниците од владејачката партија кои јавно проговорија против вака зацртаната идеја за реализација на проектот за малото пристаниште. Додаваат дека реконструкцијата на малото пристаниште е дел и од програмата на СДСМ, но со повеќе детали рекоа дека ќе излезат во идниот период.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top