Сашо Донев избран за Претседател на Совет на Општина Охрид

Денес во зградата на Локалната самоуправа се одржа Конститутивната седница на Советот на Општина Охрид. Со мнозинство гласови „ЗА“ за   Претседател на Советот беше избран Сашо Донев. На Седницата беа верификувани мандатите на 22-ца советници, а на уште еден мандатот ќе му биде верификуван на една од наредните седници кога тој ќе биде присутен.

 |   | 

Сашо Донев е новиот Претседател на Советот на Општина Охрид. Тој беше избран со 14 гласови ЗА на денешната конститутивна седница со која претседаваше највозрасниот новоизбран советник, Милена Грозданоска од СДСМ. Донев е магистер по политички науки и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид, беше носител на советничката листа која освои најмногу гласови на локалните избори, а зад себе има искуство како советник и директор на јавно претпријатие.

Бев избран за Претседател на Совет од страна на советници и од позицијата и од опозицијата на што сум благодарен. Им благодарам на граѓаните што ни дадоа доверба да ги претставуваме во Советот и да се бориме за нивните интереси. Ветувам дека во идниот период ќе има многу работа на седниците и сите оние ветувања за време на кампањата сега ќе ги оствариме во дела и ќе се бориме за интересите на граѓаните на Охрид без оглед кој на која политичка партија припаѓа – рече Донев.

Од денешното гласање за Претседател на Совет веќе е јасен и распоредот на силите во Градскиот Совет односно формирано е мнозинство кое го потврди и градоначалникот Кирил Пецаков. Новото мнозинство во Советот на Општина Охрид е составено од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“, заедно со Левица и „Охрид пред сè“, објави денеска Градоначалникот. Новото мнозинство ќе функционира по принципот на заедничка соработка со цел реализирање проекти кои се од интерес на охриѓани и исклучиво за доброто на Охрид, приоритетот ќе биде ставен на проектите кои доаѓаат од сите чинители на советничкото мнозинство преку програмските определби сплотени во заедничка визија, порача Пецаков.

Предходно на конститутивната седница беше формирана Комисија за верификација, избори и именувања која им ги верификува мандатите на 22-ца членови на Советот. Избраниот советник Нефи Усеини од ДУИ не беше присутен во салата па неговиот мандат ќе биде верификуван на првата следна седница на Совет.

Новиот состав на Советот на Општина Охрид, го сочинуваат 10 советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија, 8 од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, 2 од ДУИ, еден советник од Левица и по еден советник од независните листи од група граѓани „Охрид пред се” и „Охрид има план Б”.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top