Санацијата на оштетувањата на градското пристаниште ќе започне од септември

Со средства кои ги издвои Министерството за транспорт и врски ќе се врши и копање односно продлабочување на пристаништата во Охрид и Св Наум.

 |   | 

Оштетувањата на градското пристаниште во Охрид ќе бидат санирани од на есен. Според планот за јавни набавки за 2019та година, Министерството за транспорт и врски и Капетанија на пристаништа издвоија околу 8 милиони денари буџетски средства.  за санација на конструктивниот дел и продлабочување на пристаништата во Охрид и Св Наум. Досега не е направена санација со оглед на тоа дека не може со сигурност да се знае каква ќе биде хидролошката состојба во моментот кога ќе дојдат роковите за изведување на работите. При висок водостој не може ефективно да се заврши работата, објаснува капетанот Горан Устијаноски.

„Сега веќе е очигледно дека нема да владее висок водостој односно од септември или октомври водостојот ќе биде уште понизок така што процесот за реализирање на јавната набавка ќе биде почнат во месец мај со сите предвидени рокови според закон за јавни набавки и околу 15ти септември да може да почне да се работи и целосно да се заврши до Нова Година и ќе имаме ефективно вршење на зафатите.“ – вели Горан Устијаноски, Капетан на Капетанија на пристаништа на Р Северна Македонија

Последното поголемо невреме од месец март минатата година остави зад себе пукнатина на пристапниот дел на пристаништето кој служи за спуштање на кајчиња, глисери и други помали пловни објекти. Од капетанијата објаснија дека не е загрозена стабилноста на објектот но посочија дека по самиот кејски ѕид, односно пристанишен ѕид, постојат дупки и девијации кои мора да се средат. Со оваа санација која се планира од септември ќе се затворат сите тие недостатоци, вели капетанот Устијаноски.  

„Ние поради подобар изглед пред туристите еден дел го саниравме со самоорганизација и на бродарите да нема лоша слика за време на сезоната но самиот спуст бара уште работа која целосно ке се заврши во рамки на санацијата која ќе започне од септември. “ – посочи Устијаноски.

Што се однесува до продлабочувањето на пристаништата, во моментов состојбата кај пристаништето Св Наум е поалармантана. Екваторијата внатре во пристаништето е намалена поради наносите на песок и намален е просторот за маневрирање на бродовите. Но од Капетанија не очекуваат проблеми за време на туристичката сезона.

„Во секој случај резервен план има. Направени се разговори и со капетаните и посадите на бродовите на кој начин ќе се користи пристаништето. Се апелира на малку трпение од страна на сите. Да ја согледаме ситуацијата. И други години сме биле ограничени во однос на ова прашање. Не е ништо невообичаено освен што е намалена комоцијата и тоа ќе го средиме.“ – уверува капетанот.

Последното копање на пристаништата е направено во 2014та година. Додека пак на градското пристаниште кое датира од далечната 1937 година еден огромен период му се посветувало многу малку внимание преку инцидентни парцијални санации.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top