И оваа сезона продолжува катастрофалната услуга во такси превозот. Граѓаните и туристите секојдневно се соочуваат со самоволието и дрскоста на поголемиот број таксисти.
Мал е бројот на превозници кои се однесуваат коректно. За нив сите патишта како да водат само кон охридските плажи. Услуга превоз низ градот ќе добиете само ако се спогодите со цената која ви ја диктираат таксистите. Ако не прифатите превоз за 100 денари ќе мора да пешачите. Туристите пак се жалат дека за превоз од автобуската станица до раскрсницата на Охридска банка, до центарот на градот им се наплаќаат дури и по 200 денари. Одлуката на советот, со која таксистите се обврзуваат да возат по цена од 30 денари за старт и за секој изминат километар по 25 денари, ретко кој ја почитува.
Од општинскиот инспекторат велат засега нема овластен сообраќаен инспектор кој ќе ја контролира работата на таксистите. Овој податок повеќе од очигледно е дека им оди во прилог на таксистите. Од локалната самоуправа најавуваат пополнување на ова работно место за скоро време.
Началникот на општинскиот инспекторат, Танас Танасоски укажува дека граѓаните и досега можеле да го пријавуваат самоволието на таксистите до инспекторатот, но до нив досега нема поднесени пријави. Во Охрид има лиценцирани над 320 такси возила или околу 60 такси компании.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град