Садик: За еден миг исчезнаа сите спомени од детството

Голема материјална штета претрпе семејството на Музафер Садик, чиј што дом вчера напладне на ул. „Даме Груев“ изгоре во пожар. Помош почна да пристигнува од роднини и пријатели, а денес и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го посети семејството што загуби се во опожарената куќа во Карабегомаало.

 |  Николоска Биљана  | 

 

За еден миг исчезнаа сите спомени од детството. Пламените јазици проголтаа се што имав досега стекнато точно на денот на мојот роденден, раскажува Музафер Садик. Вчера додека братот, сестрата и внуката се подготвувале за ручек како што раскажа Садик, почуствувал мирис на чад. Веднаш, излегол надвор да види што се случува. Забележал голем пламен од оџакот и веднаш сватил дека не може да се справи со огнот кој буквално пред негови очи ја проголтал куќата во Карабегомаало на улица „Даме Груев“ .

„Планиравме нешто…онака колку што дозволува буџетот да го прославиме роденденот, но се случи ова…ќе го запаметам овој роденден…ќе ми биде трагичен…бидејќи изгоре се не остана ништо…но мора да продолжиме сепак се надевам..на комшиите пријателите сите ми се јавија

Садик вели дека сеуште не е свесен што се случило, преноќиле кај пријатели. Тој упати апел до сите хумани граѓани, кој колку може да помогне со средства, на жиро сметка, за да може да си обезбеди за него неговата сестра и внука некаков покрив на глава.
Сите хумани граѓани можат да донираат на
трансакциона сметка: 5305000020258795. За примач: Музафер Садик, ул. „Даме Груев“ 136 Охрид

Прва во пресрет на ова семејство му излезе Локалната самоуправа на општина Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески изрази големо жалење поради немилиот настан. Тој истакна дека општина Охрид како и во сите други наврати кога станува збор за опожарени куќи ќе реагира веднаш и на соодветен начин.

 

„Веќе е направен записник од ППЕ состаната е Комисијата за проценка на штети која што ќе направи дополнителен увид и според записникот на на ППЕ и од лице место, веднаш ќе ги алармираме службите во општина Охрид пред се одделението за финансиски работи кое што ќе се повика на буџетото и средствата кои што се доделени за вакви намени и секако Комисијата на Совет веднаш ќе заседава така да претпоставувам дека многу брзо ќе ја завршиме таа постапка за да се помогне на семејството на Мизафер Садик колку што е можно побрзо да се санираат штетите и да се врати во својот дом“-вели Бакрачески.

Пристапот до сега веќе пеплосаната куќарка на Музафер Садик, не беше воопшто лесен пренесува 

командирот на ППЕ Спасе Прентоски. Според него причина за пожарот било грејното тело, шпоретот, односно оџакот.

„Со самото пристигнување на ППЕ интервенирано е од страната на ул Даме Груев и пристапено е на спречување на пожарот да се шири и да ги зафати соседните објекти, спречено е ширењето на пожарот што е и целта на интервенцијата на пожарникарите“ – изјави Прентоски.

Според првичните проценки на ППЕ пожарот кој ја пеплоса куќата на Музафер Садик направил огромна материјална штета и тука не постои можност за одвивање на елементарни услови за живот. Со оглед на ниските температури и лошите временски услови, тешко може да се преземат и градежни активности за обновување на нивниот дом. Од Локалната кажаа дека што поскоро ќе се обидат да најдат привремено сместување на семејството во координација со државните надлежни институции.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top