Планинарска тура на Галичица за љубителите на природата. Единицата за спасување во планини и непристапни терени при Црвен крст Охрид неделата на срцево садови заболувања ќе ја одбележи со ваква авантуристичка прошетка, а поканети да се придружат се сите оние кои се чувствуваат физички подготвени, и сакаат да уживаат во погледите кои ги нуди Галичица.
Саботна авантура за љубителите на природата, планината, прошетките. Екипата за спасување во планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид ќе ги поведе сите заинтересирани од Корита до Липова ливата на нашата прекрасна Галичица. Овој интересен настан се организира во рамки на одбележувањето на неделата за срцево-садови заболувања.
„Јас би рекол дека интересна треба да биде за сите граѓани бидејќи е една рекреативна тура која што нема некои особени побарувања во физичка смисла од страна на посетителите. Можат буквалнно сите да дојдат на оваа тура, нормално да бидат минимум здрави личности, да немаат некои тешки хронични заболувања, и да го почувствуваат барем накратко, на еден ден благодетот од движењето во планина.“-вели Антонио Додевски од Црвениот крст од Охрид.
Освен желбата и љубовта кон природата и планината, Додевски вели дека сите кои сакаат да дојдат на оваа планинарска тура ќе треба да понесат и соодветна опрема.
„Задолжително луѓето да си имаат заштитна опрема од ветар и дожд, бидејќи сепак станува збор за зимски период од годината. Условите со снег не се толку изразени како претходни години, сепак треба да имаат добри чевли, и оние кои поседуваат да си носат со себе камашни за заштита од длабок снег, очекуваме на некои места да имаме малку газење во снег, сепак тоа е минимално. Да си носат нешто и резервна облека, топла облека, малку храна и течности.“-рече Додевски.
Оваа планинарска тура започнува од познатата месност Корита, преку планинарската патека се до превојот Липова ливада каде функционира спасителната станица на Црвениот крст. Освен планинарење, во станицата ќе има и малку дружење и топли напитоци, како и основни медицински прегледи. Сите заинтересирани може да се пријават во просториите на Црвениот крст. Доколку не одат во сопствена режија имаат можност да одат до Корита со организиран превоз кој чини 250 денари во двата правци. Тргнувањето во сабота е заедничко, од пред седиштето на Црвениот крст, во 8 часот наутро.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град