Флексибилно работно време, еднакви плати за иста работа, еднакви можности за кариерен развој. Ова се само дел од правата за кои се борат, а кои за жал, жените сеуште ги немаат.
Помала плата на иста позиција во споредба со мажи на истата работна позиција, не постоење на еднаков третман и еднакви можности за кариерен развој, непостоење на разбирање за влијанието на мајчинството врз работните обврски….листата е долга за жал на права кои жените на хартија ги имаат, но во реалност не ги уживаат. Се прават чекори кон тоа и има одредени подобрувања, но родовата еднаквост според Гордана Коњановска, претседател на Советот на општина Охрид сеуште не е реалност, не само кај нас туку и во светот. Таа вели дека е факт дека жените можат подеднакво добро па и подобро да сработат исти задачи како и мажите, но за жал стои констатацијата дека тие не уживаат подеднакви можности за напредок во кариерата.
“Особено тој факт на професионална сегрегација е навистина страшно голем и исклучително дискриминирачки. Просто е незамисливо дека проблем со кој се бори целиот развиен свет. Кога ги зборуваме бројките, кога споменуваме статистики, ние зборуваме за општества кон кои ние тежнееме како општество и кои се далеку од земјите од третиот свет, неразвиени, сиромашни земји.Тие се борат со фактот дека за иста работна позиција се нееднакво платени мажите и жените. Тоа значи дека тој процес кој што за волја на вистината е и многу доцна почнат, историски гледано тој е многу доцна почнат.”-вели претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска.
Еден од најевидентните проблеми кои говорат за нееднаквоста помеѓу мажите и жените е и интересниот податок дека во светот постојат повеќе луѓе на раководни функции што се викаат Џон или Дејвид отколку што има вкупно жени на исти такви позиции. Ова, според директорката на Girls in Tech во Македонија, Јасна Тренгоска е уште поевидентно во областа на технолошките професии и информатичката технологија.
“Технологијата е доста специфична еве и од мое лично искуство, како инженер по компјутерски науки, бидејќи бара многу голема посветеност, бара постојано да си во тек со најновите трендови, тие трендови буквално секојдневно се менуваат. Дури и едно породилно отсуство на една жена која се оттргнала извесен период од овие области па потоа се вратила, доколку не ги следела тие трендови, тоа може навистина многу да значи, во однос на нејзината можност повторно да се врати на кариерата и да се вклопи така да сметам дека целиот тој сплет на фактори довеле до тоа ситуацијата да е таква каква што е.”-рече Јасна Тренгоска-Директорка на Girls in Tech-Македонија.
И според Коњановска и според Тренгоска, за да тргнат работите напред и да се забрза темпото со кое жените полека ги стекнуваат правата кои според сите конвенции треба да ги имаат, потребно е уште позасилена борба, работа и докажување како би немало случаи каде за иста работна задача една жена да биде помалку платена од мажот само поради полот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град