Жените во Југозападот се застапени во политиката, но раководните функции се резервирани за мажите. Регионот сеуште не е зрел да прифати зголемување и рамноправност на политичкиот и општествениот ангажман на понежниот пол.
Последниве неколку години се бележи одреден напредок во поглед на родовата еднаквост, но сè уште сме далеку од европската слика на ова поле. Иако се прават чекори за поголема вклученост на жените во политичкиот живот на локално и на национално ниво, сепак тоа не е доволно.
Забележливо е, на пример, дека на советничките листи во Југозападниот регион жените се застапени најчесто во законските квоти, но поретко се носители на листата. Се добива впечаток како лидерството природно да им припаѓа на мажите. Три децении од осамостојувањето до денес, во општините во Југозападниот регион немало ниту една градоначалничка.
Југозападот сè уште не е доволно „зрел” да прифати зголемување на политичкиот ангажман на жените. Па, иако се застапени во политиката, жените поретко добиваат раководни функции. Ако се погледне менаџирањето со јавните претпријатија во Охрид – вкупно шест, само две се управувани од жени. Се чини како жените да имаат нешто повеќе „предност” во раководењето на образовните институции. Со седум, од вкупно 12 основни и средни училишта во градот, раководат жени.
Генерално како народ сме нација која тешко прифаќа промени и која што со начините на живеење убедување и уверување сеуште живее во периодот на патријахатот односно најголем дел од општеството живее во тоа време и тешко прифаќаме дека жените треба да бидат рамноправни заедно со мажите, кога станува збор и во делот на општестевната одговорност и во делот на процесите на донесување на одлуки. Се забележуваат последните години промени, но сето тоа и натаму се одвива бавно – вели м-р Весна Цветаноска, граѓански активист.
Во Струга има четири јавни прептијатија, но само со едно од нив управува жена. Во струшкиот регион има и четири јавни здравствени установи, ама со нив раководат исклучиво мажи.
Со една голема борба се стигна до процентуално учество на жената во политичкиот живот од 50% што е горе долу задоволителен број, меѓутоа сепак сеуште не е доволно за ние да ја искажеме нашата сила колку можеме да придонесеме во развојот на општеството – додава Цветаноска.
Овогодишниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, во однос на унапредување на положбата на жените во земјата и родовата еднаквост, останува со истите препораки.
И последната анализа на „Реактор” покажа родова нееднаквост, како и потценување на жената во домот и семејството. Во просек, жените во земјава извршуваат 72,5 отсто од неплатениот труд во домот, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. На дневна основа, жените, во споредба со мажите, трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, деветпати повеќе време за готвење и трипати повеќе време за грижа околу децата, се вели во студијата на „Реактор”.
Оваа анализа ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа, односно „натоварени” со обврските во домот.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град