Родители се жалат дека недостасуваат учебници во школите

На стартот од новата учебна година пристигнуваат реакции од родителите дека нема учебници по сите предмети во училиштата. Од Министерството за образование и наука тврдат дека има учебници. На терен пак, училиштата се снаоѓаат во условите кои ги имаат. Во некои училишта има вишок на учебници по природните науки, а со години недостасуваат учебници по одредени предмети.

 |   | 

Родителите се жалат дека во школите недостасуваат учебници по повеќе предмети во различни одделенија. На таква состојба се укажува и во анкетата на тема образование во рубриката ТИ СИ ТВОЈОТ ГРАД. За овој проблем реакции стигнале и до Народниот правобранител, информираа од канцеларијата на Омбдусманот. Проблем има и во четврто одделение. Според новата образовна концепција учениците треба да користат е-учебници, за што треба да поседуваат таблети на кои ќе ги спуштат или сами да си ги испечатат, затоа што училиштата не обезбедуваат печатени материјали.

Мила Цароска, министерката за образование и наука тврди дека дигитализацијата во наставата се спроведува соодветно, а има учебници во школите.

МОН набавува книги за сите одделенија согласно барањата на училиштата. Во изминатите години имало полни тиражи на печатење, ако учебниците стигнале до училиштата денес сите книги треба да се нови. МОН направи целосна набавка на книги од 1 до 3 одделение со полн тираж и училиштата кои побараа добија учебници – истакна Царовска.

ТВМ ги контактираше дел од директорите на општинските основни и средни школи за тоа каква е состојбата со учебници кај нив.

Наташа Танеска, директорка на ООУ Св. Климент Охридски, информира дека електронската настава во 4-то одделение се одвива без поголеми проблеми, но дека се чекаат дел од печатените материјали. Од 5-то до 9-то одделение недостасуваат 20 комплети по разни предмети, за кои се нарачани учебници и се чекаат да пристигнат.

Директорката на ООУ Христо Узунов, Оливија Пирузева Јанева информира дека еден дел од нарачаните учебници се пристигнати, а за дел се чека достава. Укажува дека некои од учебниците се многу оштетени и стари и дека е потребно обновување на учебникарскиот фонд по одредени предмети. За 4-то одделенците недостасуваат 10 таблети за кои има нарачка и се очекува да пристигнат деновиве, а имаат печатени учебници со кои ученицте се обезбедени до набавката на таблети.

Џемал Мехмед, директорот на ООУ Братство Единство, кажува дека во нивното училиште, според нарачките кои ги направиле, во најголем дел се покриени со учебници, па дури имаат вишок по природните предмети. Нема учебници по предметите географија за 9-то одделение, за англиски јазик и историја за 6 одделение на трите наставни јазици.

Наставниците или ги користат дел по дел старите учебници по географија и англиски, а по историја он лине верзија или се фотокопира. Тоа е факт дека се фотокопира иако не е дозволено, учениците си фотокопираат бидејќи 10 години историја за 6-то одделение не е објавена – вели Мехмед.

За состојбите во одделенска настава во 4-то одделение пак, информира дека материјалите им се пуштени на учениците и може да ги спуштаат на домашните таблети. За учениците кои немаат таблети, МОН им доставило печатен материјал за 14  ученици на Македонски  јазик, 8 за учениците на Албански јазик и 4 за Турски јазик. Наскоро очекуваат да ги добијат и потребните ИТ уреди за учениците. Директорот Мехмед напоменува дека МОН за првпат оваа година прави контроли во училиштата за да се утврди што е нарачано и што е стигнато од потребните учебници.

Марјан Радески, директор на регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ кажува дека во нивното училиште има учебници по сите предмети за сите класови. Она што недостасува е само одредена литература за стручни предмети кои ги нема со години наназад.   

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top