Риболовен туризам а не стопански риболов

Во тек е постапката за објавување јавен повик за избор на нов концесионер на Охридското Езеро. Идниот концесионер ќе го добие езерото на  користење според изменета риболовна основа.  Измените кои беа направени на почетокот на годинава имаат за цел поголема заштита на рибниот фонд, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Екологистите пак, сметаат дека на езерото предност треба да се даде на риболовниот туризам а не на стопаснкиот риболов.

 |   | 

Постапката за доделување концесија за вршење стопански риболов на Охридско езеро е во тек. Додека трае истата и по пат на јавен повик не се избере нов концесионер кој во следните 6 години ќе се грижи за  заштита и одржливо користење на рибите, езерото е без концесионер. Дел од екологистите сметаат дека Охридското езеро воопшто не треба да се дава под концесија за стопански риболов. Со езерото треба да стопанисуваат локалните власти на Охрид и Струга, риболов да има само во туристички цели и да не се врши излов додека не се стабилизора рибниот фонд, вели екологистот Лазо Наумоски.

„Да не се користат за стопански риболов никакви мрежи за да се створат услови за спортски риболов во цели на туризмот. Локалните власти на Охрид и Струга да бидат економски моќни да ги решат сите еколошки проблеми , водата да остане чиста. “- вели Наумоски.

Од година во година се зголемува бројот на рекреативни и спортски риболовци на Охридското езеро. Треба да се даде предност на рекреативниот пред стопанскиот риболов, вели  риболовниот водич и екологист  Љупчо Стојкоски- Лепи. Тој смета дека без оглед дали со езерото ќе стопанисува локалната власт , некое правно лице или здружение, најважна е контролата и риболовната основа.

„За концесијата треба да се направи правилна риболовна основа. Според мене најмногу треба да се заштити охридската белвица и пастрмка, риби со кои се гордееме. Нормално треба да се заштитат и крапот, кленот, јагулата и плашицата. Треба да се работи на тоа да не се изловуваат прекумерно, да има репродукција и да се продолжи со размножување на охридската пастрмка од страна на Хидробиолошкиот Завод.“ – вели Љупчо Стојкоски- Лепи – риболовен водич .

Идниот концесионер ќе го добие езерото на  користење според изменета риболовна основа.  Измените кои беа направени на почетокот на годинава имаат за цел поголема заштита на рибниот фонд, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Има измени во утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на видот охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за охридската пастрмка,  белвицата и крапот. Исто така, направени се измени кои ги задоволуваат потребите на рекреативните риболовци, а со тоа и развојот на риболовниот туризам, уверуваат од министерството.  Со рибниот фонд на Охридското Езеро до сега стопанисуваше „Пастрмка 2012“.  Откако Владата и ја одзеде дозволата поради неисполнување одредени законски обврски, рибниот фонд, додека езерото е без концесионер, од рибокрадци го штити државниот инспекторат за земјоделство.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top