Решен децениски проблем во населбите „Воска“ и „Даљан“

Локалната самоуправа вложи 16 милиони денари за уредување на населбите Воска и Даљан. За прв пат изграден е нов систем за собирање и одведување на атмосферски води со колектор и испусна градба. Како што пренесе првиот човек на градот Никола Бакрачески, со тоа е решен деценискиот проблем, а исто така се асфалтираа улици, а се уреди и тротоарската површина.

 |  Николоска Биљана  | 

 

После 3 децении, целосно реконструирани улиците „Сатеска“, „Мича Гилиќ“ и „Трајче Трајчески“, во населбите „Воска“, „Даљан“. Градоначалникот Никола Бакрачески со задоволство зборува дека денес се радуваат жителите на Воска, утре на некоја друга охридска населба бидејќи во континуитет се реализирале проекти во различни делови на градот кои го подобруваат животот на охриѓани, а воедно се остварува не само ветеното туку и повеќе од тоа.

„Населба Даљан и Воска стојат високо на приоритетите во стратегијата за развој на општина Охрид посебно ова место каде што се наоѓаме денес. Со оглед на тоа што долги години, односно децении наназад ова е место каде што при секој пороен дожд предизвикуваше поплави не само на улиците туку и на подрумите, дворовите и куќите и околните згради. Постојано се среќававме со жалбите на граѓаните во овој дел на градов кои што навистина имаа мака и сериозен проблем кој што години наназад никој не го решил“ – изјави Бакрачески.

Жителите на ова населено место изразија посебна благодарност до Локалната самоуправа посебно до градоначалникот Бакрачески. Лазар Божиноски, член од Месната заедница, кажа дека после 30 години се случува нешто ново во нивната населба.

„Значи тоа е добро, одиме на добро и да не остани вака туку да продолжи да се гради и понатака. Благодарност од сите жители на населба „Даљан“. Имаше поплавување по зградите, улиците и мислам дека со ови зафат се реши и работите тргнаа на позитивно“.

Градоначалникот Бакрачески нагласи дека не треба да се заборави и важноста на туристичкиот аспект на првата населба на влезот од Струга, каде во минатото многу фамилии живееле од туризмот.

„Некои од нив сеуште издаваат соби, станува збор за приватни мали станоиздавачи, кои ќе имаат можност подобро да ги претстават своите капацитети пред домашните и странските гости кои што порано беа во голем број. Се надевам дека и во иднина, со оглед на она што ние го имаме како статистичка обработка на податоци кои континуирано до добиваме од ТЛЕР, во годините кои што доаѓаат престои наплив на туристи неколкукратно зголемување на бројот на ноќевања во Охрид“.

Инаку, новопоставената атмосферската канализација е со вкупна должина од 1 287 м. Во рамки на проектот изградени се 40 шахти, 40 сливници, испусна градба и колектор со должина од 283 метри. Реконструкцијата односно асфалтирањето на трите улици е во вредност од над 6 милиони денари а вредноста на проектот атмосферската канализација е околу 10 милиони денари. Вкупната асфалтирана површина на трите улици е 4 669 м2 а реконструирани и уредени се и тротоарите со површина од 1 049 м2. Улиците се асфалтирани со високо квалитетен асфалт со дебелина од 7 см.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top