Реконструкција на тротоарот на потегот од Гимназија кон СРЦ „Билјанини извори“

Ќе се реконструира тротоарот од едната страна на Булевар Туристичка на потегот кон СРЦ „Билјанини извори“. Денеска започнаа зафатите на плочникот во должина од 1200м од кружниот тек кај гимназија до Спортско рекреативниот центар. За оваа намена Локалната самоуправа има издвоено над 2 милиони денари.

 |   | 

Граѓани реагираат во рубриката „Ти си твојот град“ на ископана пешачка и велосипедска патека на Булевар Туристичка на потегот покрај СРЦ „Билјанини извори“. Напоменуваат дека во многу лоша состојба се тротоарите од двете страни на Булеварот по кој секојдневно поминуваат голем број граѓани кои се рекреираат пешачејќи или со велопсипед.

20 години од кога знам за себе, бекатонот фалит. Место пред бензиската Билјанини извори ( правец Охрид-Пештани) и едната и другата страна се катастрофа – пишува граѓанин кој испрати фотографии во рубриката ТиСиТвојотГрад.

Велосипедската патека, пак, од Гимназија кон Спортско рекреативниот центар, воопшто не е употреблива и велосипедистите се принудени да возат на патеката наменета за пешаци. По пешачката патека, пак е отежнато движењето и на пешаците и на велоспипедистите бидејќи тротоарот е или нерамен или воопшто нема бекатон плочки.  

Томе Џамтоски, портпаролот на општина Охрид, информира дека реконструкција на посочените делови е предвидена во годинешната програма на Фондот за комунални дејности улици и патишта. Градежните работи за уредување на десниот потег на Булевар Туристичка од патниот правец   Охрид- Св. Наум започнале денеска.

Најавивме дека ќе се работи на реконструкција на плочникот од потегот на гимназија до спортската сала „Билјанини извори“. Токму од денеска започна реконструкцијата на овој потег со градежни зафати. Ќе се реконструира плочникот во должина од 1200м – истакна Џамтоски.

Во годишната програма за реконструкција на улици на Локалната самоуправа, покрај реконструкцијата на просторот за пешаците се проектирани средства и за уредување на велосипедската патека. Велосипедистите ќе може безбедно да возат на реконструирана патека која ќе биде широка 1,8 метри.

На овој потег ќе работат две фирми. Плочникот ќе го реконструира градежната фирма Ким Идра и ќе зазема 5000 метри квадратни со нови бекатон плочки, а велосипедската патека ќе ја направи градежната фирма Илинден и ќе биде асфалтирана – додава портпаролот на општина Охрид.

2,5 милиони денари ќе ја чини Локалната самоуправа целосниот зафат на овој дел од Туристичка за уредување на велосипедската патека и на тротоарот. Работите треба да завршат до крај на месец септември. Засега не е планирана реконструкција на левата страна на Булевар Туристичка на магистралниот пат Охрид-Св. Наум која исто така е во лоша состојба.  

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top