• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Реките загадувачи забрзано го задушуваат она што постои повеќе од милион години во езерото

Реките загадувачи забрзано го задушуваат она што постои повеќе од милион години во езерото

Сатеска, Велгошка и Коселска, реките кои го сочинуваат крвотокот на охридскиот слив  извираат од недопрената природа на Илинска, Плаќенска Планина, горен слив на Дебрца. Но, кристално чистите водотеци на својот пат кон Охридското езеро доаѓаат во допир со човекот. Во долните текови кои минуваат низ населени места, бреговите се деградирани со диви депонии од комунален и градежен шут, обраснати со вегетација, наталожена тиња измешана со отпадоци.

 |   | 

Сатеска, Велгошка и Коселска, реките кои го сочинуваат крвотокот на охридскиот слив  извираат од недопрената природа на Илинска, Плаќенска Планина, горен слив на Дебрца. Но, кристално чистите водотеци на својот пат кон Охридското езеро доаѓаат во допир со човекот. Во долните текови кои минуваат низ населени места, бреговите се деградирани со диви депонии од комунален и градежен шут, обраснати со вегетација, наталожена тиња измешана со отпадоци.

Велгошка Река, позната  како  Сушица  или Грашница  во долниот  тек,  прима  отпадни  води  од охридската  индустриска  зона, пестициди од прскање на земјоделските култури, фекалии од домаќинства неповрзани на колекторски систем.  Коселска Река прибира загадени води на нејзиниот тек во близина на Депонијата Буково. Черава која извира на албанска страна од езерото се влива кај Св. Наум и  внесува големи количини цврст отпад, пластика и растворен отпад од некогашни рудници кои постоеле во тој дел на Албанија. И доаѓаме до Сатеска, реката на која и е посветено посебно внимание во Извештајот од реактивната мисија на УНЕСКО. Комитетот за светско наследство бара исправање на катастрофалната грешка од 1961-ва година, кога оваа река беше пренасочена  во Охридското Езеро, а со цел да се заштитат од седимент  вештачките акумулации Шпилје и Глобочица.

„  Сатеска, која сочинува 39% од хидрографската мрежа од вливот на Охридското езеро, внесува годишно околу 120 000 метри кубни нанос. Тоа е огромна количина, но уште поважна е концентрацијата на фосфор во тој нанос, околу 38 тони годишно, коишто директно го загрозуваат Охридското езеро преку појавата на цветање на алги и други водни растенија, со што се намалува количеството кислород во водата.“– вели Ѓоко Зороски – екологист.

Во соработка со УНДП, Електрани на Северна Македонија и со општините Охрид, Струга и Дебрца, се вршат работи за пренасочување на реката Сатеска, како најголемиот загадувач на езерото, во старото корито кон реката Дрим.

„ Враќањето на реката Сатеска во своето поранешно корито е една од препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017та година на чија реализација активно се работи. Тоа е проект на МЖСПП, а имплементатор е УНДП за што се издвоени 400 000 долари. “ – Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид

Активностите  во моментов се во интензивна фаза, избрана е проектантска фирма која работи на основниот проект за пренасочување на реката и се работи на обезбедување на соодветните дозволи.

„ Предвидени се изградба на соодветни механизми и структури кои ќе озвозможат по течението на Сатеска во старото речно корито сите загадувачи кои таа ги носи да може да се елиминираат и таа пречистена да се влие во Црн Дрим . Предвидени се интервенција во т.н разделна градба или структира, тоа се оние остатоци кои денес можат да се видат во селото Волино каде што постоеле во минатото. Понатаму структури за стабилизација на седиментни материи и загадувачи како би можеле преку разни физичко хемиски методи да се исталожат, да се прифатат. – објаснува Никола Здравески – Проект менаџер UNDP.

Градежните зафати на терен се очекува да отпочнат кон средината на септември и доколку временските услови во зимскиот период се поволни, најоптимална временска рамка кога ќе можат да се видат првите позитивни ефекти од проектот е првата половина на 2022 година.

Покрај наносот од Сатеска,  горчлив проблем е и огромната количина пластика која завршува во езерото. Во месеците март, април и мај, откако надојдената вода ќе ги измие суводолиците, езерото започнува да повраќа отпад ослободувајќи ја утробата од десетици кубни метри пластика дневно во периодот кога дува силниот југ.

„ Не се тоа постојани реки. Ако ја исклучиме Черава од албанска страна и реката Сатеска, другите се суводолици чиј водостој е во пролетните месеци кога имаме топење на снегот и врнежи со што доаѓа до измивање на коритата. Од страна на месното население, поради ниската еколошка свест имаме депонирање отпад во коритата и со нивно измивање сето тоа завршува во Охридското Езеро. +1:36 Завршуваат огромни колични на пластичен неразградлив отпад кој подоцна на самото крајбрежје ЈП Охридски Комуналец вложува на моменти надчовечки напори за сето тоа да се исчисти и отстрани . “ – Стевчо Маслов – ЈП Охридски комуналец – Охрид


– За да не дојде до завршување на тој отпад во езерото потребно е поставување на решетки на самите реки, според населеност по течението и неговата должина  + и воспоставување служба која постојано ќе ги чисти решетките. На тој начин би спречиле дури 70 % од тој неразградлив отпад да не заврши во езерото, – додава Маслов. Такви решетки, како пилот проект, засега се поставени само на реката Грашница.

Механичкиот отпад кој завршува во езерските води е нашата видлива негрижа и ниска еколошка свест. Она што со око не е видливо е степенот на загаденост од органско оптоварување со нутиентите азот и фосфор како и нивните форми, нитрити, амонијак, нитрати, органски азот, ортофосфати).

Според физичко-хемиска и бактериолошка анализа на водата која Центарот за јавно здравје – Охрид  ја врши еднаш месечно, квалитетот на речните води поради загадувањето паѓа во трета, четврта класа, а во реката Велгошка или Грашница се регистрира највисок степен на загаденост, петта класа.
Реките збирно  создаваат еден синергистички ефект на системско загадување предизвикувајќи забрзано стареење на Охридското езеро.

„Посебна опасност претставува заканата од интензивно минерално и органско загадување кое со текот на времето би предизвикало квалитативна промена на водата и подлогата, што од своја страна би значело измена и деструкција на природните хабитати посебно оние на дното на езерото, чие формирање се одвивало повеќе од милион години. Нутриентната оптовареност претставува причинител за забрзување на процесот на еутрофикација на водните екосистеми. Токму овој процес на еутрофикација, во чија основа е зголемено присуство на нутриенти од кои фосфорот е “идентификуван” како главен еутрофоген фактор, добиваат на интензитет во Охридското Езеро и се стремат да ја нарушат милениумската олиготрофна состојба на Езерото. “ – вели Д-р Елизабета Велјаноска Сарафилоска  ЈНУ Хидробиолошки Завод – Охрид

Потребна е едукација на месното население, поголема активност на инспекциските служби и санкционирање на прекршителите односно загадувачите, велат екологистите.

Потребно е преземање на итни мерки за санирање на овие реки и вклучување на месното население на колекторски систем, подигање на јавната свест на месното население и организирање на добар систем за собирање на цврст отпад со негова селекција и на тој начин ќе се спречи, барем во поголем дел, внесувањето на органски материи, но и механичко загадување. “ – вели екологистот Зороски.

Притисокот врз езерото е огромен од загадувањето од реките, прелевањето непречистени води, неповрзаност на населени места во колекторскиот систем, индустријализацијата и екстремната урбанизација. Доколку не делуваме со конкретни чекори за спречување понатамошна девастација и заштита, на пат сме да го уништиме едно од најстарите езера во Европа со геолошка и биолошка историја од над милион години и светско жариште на билошка разновидност со пеку 1.400 автохтони и околу 300 ендемични видови.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top