Рецитал, наградени стихови и цртежи во чест на годишнината од „Сердарот“

Младинскиот совет од Охрид денес ја одбележа годишнината од доделувањето на ловоровиот венец на Григор Прличев.

 |  Мишел Наумоски  | 
prlicev jubilej

Најмладите во чест на Прличев. Денес во просториите на Култура 365 се рецитираше „Сердарот“ антологиската поема на нашиот ловороносец Прличев, како и литературните творби кои беа наградени на конкурсот „Охрид, Прличев и јас.“ Младите охриѓани од охридските основни училишта го дадоа најсветлиот придонес во достојното одбележување на годишнината од доделувањето на ловоровиот венец на Прличев. Еден од членовите на жири комисијата која ги оценуваше творбите, нашиот охридски автор, Смиле Наумоски вели дека навистина имале тешка задача.

serdarot godisnina„Го бараме естетското, во литературата и секако дека исто толку е значително само тоа на кој начин е изнесено, туку и што е тоа што е изнесено. Тоа е многу значајно. Во случајов е секако значајно затоа што станува збор за Охрид, за Прличев и јас, каде јас го означува творецот. Навистина е добро воспоставена врската на насловот, со Охрид, со Прличев и творецот. Имавме обемна работа, бевме тројца, и ги поделивме творбите, најпрво поетските творби на три дела, и секој избравме по три најдобри, па потоа ги поделивме и прозните дела и избравме три најдобри.“-вели Наумоски.

За ликот и делото на Прличев, пригодна реч одржа уште еден наш охридски автор, писателот Тоде Илиевски. Тој се осврна на тежината и значајот на победата на Прличев на конкурсот во тогашната непријателска Грција во една тешка конкуренција.

konkurs prlicev„Како можело да се случи еден не-грк, да напише толку квалитетно дело, дело во кое нема граматички грешки, од денешен агол гледано, кој и да е од нас кој е творец да се осмелам јас да пишувам на друг јазик и да не направам грешки. Прличев не користел лектори, се што напишал го испратил. Прличев поемата ја напишал и победил во конкуренција на ѕвездите тогашната грчка интелегенција.“-рече Илиевски.

Со прекрасниот рецитал, своевиден печат на настанот му даде и Арифа Малоска, минатогодишна победничка на општинскиот натпревар за рецитирање и оратортво. Во рамки на литературниот конкурс, со трето место и пригодна награда се закити Ивана Трајкоска од ОУ „Братство Единство“, второ место освои Сара Палитова од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, а првонаградена беше Елена Лангоска исто така од „Ванчо Николески“-Лескоец. Во делот на возрасни, наградена беше и студентката на Филолошкиот факултет Емилија Карафилоска. Освен литературен дел, конкурсот „Охрид, Прличев и јас“ имаше и ликовен дел каде награден беше цртежот на Фросина Трајкоска од ОУ „Кочо Рацин“. Организатор на овој настан беше Младинскиот совет Охрид.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top