Опозиционерите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа за неинвентивен и сиромашен буџет без капитални инвестиции, додека локалците го бранеа реализираното во изминатата година.
Извештајот за реализацијата на ланскиот буџет, ги раскара советниците на власта и опозицијата. Токму оваа точка на дневниот ред на денешната 59та по ред седница на советот на општина Охрид, предизвика лавина обвинувања и остри реторики и од едната и од другата страна. Според советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, реализацијата на ланскиот буџет, точно покажува колку Охрид бил неуспешен минатата година.
Од ДПМНЕ ја обвинија локалната самоуправа за несериозност и неинвентивност и потенцираа дека и од технички и од политички аспект минатогодишниот буџет е неуспех за Охрид и во однос на планираното, и во однос на реализираното.
„Ако подлабоко навлезиме во самата содржина, ќе утврдиме една голема нелогичност. Од една страна реализираноста на буџетот е 96 проценти, а од друга страна реализацијата на програмите, поготово програмите од комуналната дејност кои што се основни параметри, се реализирани некаде од 40 до 80 проценти и во таа смисла се поставува и основното прашање каде се останатите средства.“-рече Борис Стефаноски од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Реализираниот буџет, пак, според координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, претставува школски пример за тоа како еден буџет би требало да се реализира.
„Јас сметам дека извештајот беше целосен комплетен, точно видовме дека во приходната ставка на буџетот нешто над 50 проценти се сопствени приходи кои ги собира општината, а другите 47.8 проценти се приходи од дотации, донации и сопствени активности. Ниту е полош, ниту е подобар од реализацијата која била преходно колку што можам да се сетам без оглед на апсолутната вредност која секоја година расте, во однос на реализацијата, ова за мене претставува успешно реализиран буџет.“-вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
После долгата дискусија, овој извештај сепак доби зелено светло од мнозинството советници. Наредните точки на дневниот ред не предизвикаа некои пожестоки реакции. Во пакет се гласаше и поминаа тринаесетте точки кои се однесуваа на извештаите за финансиското работење на основните и средните училишта во Охрид како и финансиското работење на јавната општинска установа детска градинка Јасна Ристеска.
Зелено светло добија уште и извештаите за реализацијата на програмите за работа на Советот на општината, одделението за даноци, комунални такси и јавни дејности за изминатата година. Поминаа и извештаите за реализираните програми за изработка на урбанистички планови, заштита на животната средина, и туризам и локален економски развој. Изгласани беа уште и програмите од комуналната сфера, а единствено не помина извештајот за состојбите од областа на јавната безбедност за која точка сите советници се иззедоа од гласање.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град