Развој на малите винарии со измени на законот

Законот за вино ќе претрпи измени со што ќе се стимулираат производителите од мал обем. Со олеснување на условите за производство на вино кај мали винарии и физички лица производители на вино, истите ќе бидат позастапени на пазарот, што позитивно ќе влијае и на развојот на винскиот и руралниот туризам.

 |  Лионела Јаковлева  | 

Охридскиот регион има идеални услови за развој на винскиот туризам. Охридските вина се специфични и единствени бидејќи имаат висок процент на винска киселина поради близината на езерото затоа странците ги бараат и се воодушевуваат од нивниот вкус. Но, за да може виното да се продава производителот мора да е регистриран согласно Законот за вино. Во тек се измени на Законот за вино со што ќе се стимулираат сите оние кои сакаат да се занимаваат со производство на овај пијалок на боговите. Меѓу другото зголемен е прагот на  дозволената количина на произведено вино која беше 30 000 литри, а сега е над 50 000 литри за мали винарии. Со досегашниот Закон за вино помалите винарии не смееа да откупуваат грозје туку мораа да имаат сопствено производство, па се соочуваа со проблем бидејќи ако некоја година имаше послаб род не можеа да откупат од други производители, вели  Будимир Соколовиќ, сопственик на винарија Мал Св. Климент.


„Со новиот предлог закон ова е веќе решено па ќе можиме да откупуваме грозје, па тоа е уште една придобивка за тоа што ќе може да се зголеми бројот на етикети, ќе се зголемат и видовите на вино, а со тоа ќе се зголеми и понудата“, вели   Будимир Соколовиќ – сопственик на винарија Мал Св. Климент.

Охридскиот регион изобилувал со лозови насади, но за жал денес најголемиот дел од нив поради неодржување се уништени. Девастацијата на лозарството е евидентна иако пред неколку години државата направи напор да ги стимулира граѓаните да се занимаваат со оваа гранка па им даде можност да земат државно земјиште под концесија и тоа на период од триесет години. Но, Соколовиќ кажува дека поголемиот дел од оние кои зеле земја не ја обработуваат. Сега со новите можности кои ги нудат измените во Законот за вино ќе може да се произведуват повеќе видови вино бидејќи ќе може да се откупува грозје и од други производители.  Охридскиот регион најпознат е по производство на Мерлот, а во винаријата Мал Свети Климент можат да се најдат вината Ракацители, розе од памид, традиционално охридско куве каде базата е памид, а има и вранец и прокупец и чист вранец. Но за жал овие вина ги нема речиси во ниту еден угостителски објект во градов.

„Јас не знам дека во некој ресторан има охридски вина. Минатата година имаше од вината кои ги произведуваме во винаријата Мал Свети Климент во ресторан Канео, годинава немаше. Се надевам дека наредната повторно ќе има. Јас не знам дека на други места воопшто се служат локални вина“, вели Соколовиќ.

Во Охрид има само една винарија од мал обем и винаријата Охрид која е наследник на некогашната винарија Словин Билјана. Има неколку интересенти за започнување на ваков бизнис, но засега тоа останува само на идеја. Постапката за отворање винарија е многу долга и сложена, па тоа многу пати ги одвраќа да се впуштат во таков предизвик. Очекуваат помош и поддршка од државата се со цел развој на винскиот туризам кој е престижен во светот и носи многу пари.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top