Разрешената судијка Кичеец ќе ја обжали одлуката на Судскиот совет

Судијката Весна Кичеец од Основниот суд Охрид се` уште нема добиено одлука за разрешувањето, а за одлуката на Судскиот совет разбрала од медиумите. Таа најави жалба. Судскиот совет ја разреши од функцијата судијката за нестручно и несовесно постапување во судскиот процес против српскиот турист од Краљево, кој на во 2016 година на новогодишната ноќ го претепа до смрт младиот охриѓанец Димитар Матилоски.

 |  Соња Рилковска  | 

Судскиот совет ја разреши судијката Весна Кичеец за случајот на Димитар Матилоски од Охрид, момчето кое беше убиено на Новогодишната ноќ во 2016 година од српскиот турист Бојан Угреновиќ. Советот утврдил нестручно и несовесно работење и затоа од вчера и` забранува да суди.
Во конкретниот предмет со Матилоски, одолговлекувањето на постапката му овозможи на главниот осомничен да се брани од слобода и тој избега од земјава.

„Донесена е Одлука со која е разрешен судија од вршење на судиската функција и времено оддалечување на судијата од вршење функција до правосилно завршување на постапката“ информираат од Судскиот совет.

Семејството на убиеното момче во целиот судски процес алармираа за низа пропусти.

„Случајот со мојот брат беше премногу развлечен. Сепак, благодарни сме како семејство што со пресудата на Врховен суд се врати зрак верба во судството, но нас како семејство ништо не може да ни ја надомести болката од загубата….. уште повеќе што убиецот е на слобода, а до овој момент не е распишана меѓународна потерница“, вели Цветанка Матилоска, сестрата на Димитар.

Судијката Кичеец се` уште нема добиено одлука за разрешувања, за случајот разбрала од медиумите. Таа најави жалба, вели нема никаква вина за исходот од случајот.

„Првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање на предметот. По признание на вина изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа и покрај тоа што остануваа помалку од 4 месеци до максималниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја намали на 8 години. Врховен ја преиначи нивната и изрече повторно 16 години. Навистина не знам каде е мојата вина“ одговори Кичеец во телефонска порака.

Стапивме во контакт и со Адвокатското друштво Мујоски, застапници на оштетените, кои велат немаат забелешки за судењето на Кичеец. Целата вина за случајот со Матилоски ја лоцираа во битолска Апелација, која два пати ја намали казната на обвинетиот Угреновиќ.

26 годишниот Димитар Матилоски беше претепан до смрт на Новогодишната ноќ во Охрид пред пет години. Убиецот, српскиот турист Угреновиќ од Краљево, беше ослободен од притвор во јули 2017 година и од тогаш му се губи секаква трага.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top