Расте бројот на заболени од Алцхајмерова деменција. Се намалува и старосната граница што е уште позагрижувачко. Докторите советуваат што повеќе да се работи на превенција, да се смени начинот на живот, што повеќе физичка активност, здрава храна и избегнување на стресни ситуации.
Се поголем е бројот на лица кои имаат алцхајмерова болест или деменција. Причини за тоа има повеќе, а најчесто е стресниот живот и емоционалните проблеми на граѓаните како и нездравиот начин на живеење. Д-р Драган Илиевски, претседателот на Здружението за Алцхајмерова болест вели дека таа е една од најстрашните болести која се уште не е доволно проучена и за која современата медицина нема пронајдено конкретен лек. Поради тоа денес во Струга и Охрид се одржа бесплатно предавање „Превенција и рана дијагностика на Алцхајмеровата болест-деменција“.
Најважна е превенцијата. После 55 година се зголемува ризикот од оваа болест. А после 80тата година речиси секој втор човек е кандидат за алцхајмерова деминенција. Многу важен е и полот. Жените најчесто заболуваат после 70тата година затоа што не се лачи естрогенот кој е заштитен фактор, вели Д-р Илиевски.
Д-р Илиевски на предавањето објасни како да се препознаат симптомите на болеста и на кои се начини може да се забави процесот на заболување. Еден од најчестите знаци на Алцхајмер е губење на меморијата. Луѓето со Алцхајмерова болест често имаат проблем да ги исполнуваат секојдневните задачи. Заболените од Алцхајмер губат свесност за датум, годишно време и текот на времето. Може да имаат проблем да разберат нешто ако не се случува во моментот. Понекогаш не знаат каде се или како дошле таму. За некои луѓе визуелните проблеми се најран симптом за Алцхајмер. Тие можат да имаат проблеми при читање, расудување за далечина или препознавање на боја или контраст, што им оневозможува да возат и да се снаоѓаат во сообраќајот. Избегнуваат работа и социјални активности. А многу чести се и промените во расположението и карактерот. Многу важно е доколку постои сомнеж дека кај некој пациент има појава на Алцхајмер да се направи мемориски тест.
Тој мемориски тест е почетен. Нешто основно што треба да се направи. Тоа е едно психолошко тестирање и тие пациенти од кога ќе се открие болеста живеат уште пет до шест години, вели Д-р Илиески.
Најчесто пациентите кои заболуваат од Алцхајмер се на возраст над 60 год., но за жал во поново време старосната граница е поместена па и многу помлади можат да го добијат ова заболување. Докторите советуваат да се смени начинот на живот, што повеќе физичка активност, здрава храна и избегнување на стресни ситуации поради кои се лачи хормонот кортизол кој предизвикува изумирање на нервните клетки и појава на болеста.
Инаку оваа активност е дел од подпроектот „И старите можат“ кој е спроведуван од Локалната агенција за развој од Струга.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град