Расте бројот на деца кои имаат говорен проблем

Во време на електронска комуникација и развиена технологија, многу е важно физичкото присуство на родителот во секојдневието на децата, укажуваат логопедите. Според нив, емоцијата е таа која детето ја разбира пред да го разбере говорот. Денес, 06 ти март се одбележува Европскиот ден на логопедијата.

 |  Николоска Биљана  | 

Расте бројот на деца кои имаат говорен јазичен проблем, а недостасуваат логопеди во општина Охрид. Зорица Шикоска која работи како логопед во детскта градинка „Јасна Ристеска“, укажува дека било какво отстапување од некоја просечна рамка на појавување на говор може да претставува причина, родителот да се советува со логопед.

Јас сум логопед во оваа градинка и го пратам говорниот развој на дечињата од 0 до 6 годишна возраст. Најголем акцент ставам на дечињата од 4 до 6 годишна возраст, поточно на средните и големите групи бидејќи тие деца ги подготвуваме за во училиште“

Шикоска кажа дека најчестите проблеми со кои се соочуваат е испуштање на некои гласови или замена на некој глас со друг. Таа посочи дека во сите случаи кога ќе забележат дека одредено дете има јазичен проблем, посветуваат огромно внимание со цел да му помогнат на детето да стигне до правилен говор.

„Работам на корегирање на тие гласови, воедно и на комплетирање на реченица, поттикнување на усно изразување, активирање на пасивен речник, провоцирање на активен речник, развивање на фина моторика. Честа појава со која што се среќаваме е пелтечењето, па еве еден апел до сите родители кои што ќе забележат било какво отстапување од говорниот развој на своите дечиња да се посоветуваат со стручно лице“

Во денешно време најчесто се појавуваат стекнати јазични проблеми кај децата, укажува Шикоска. Додава дека тоа е како последица од користењето на компјутери, паметни телефони и лаптопи, па не е доволно развиен мајчиниот, а тие учат друг јазик. Според Шикоска сосема е погрешно совладувањето на секој друг јазик пред мајчиниот. Инаку денес се одбележува Европскиот ден на логопедијата, 6 март.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top