Пуштени во употреба тениски терени во Охрид

Пуштени во употреба еден двоен и еден единечен тениски терен на СРЦ Билјанини Извори. Овие терени ќе допринесат за спортското заживување на градот, но и за враќање на младите на спортските терени, истакна градоначакникот Никола Бакрачески, кој денес заедно директорот на Агенцијата за млади и спорт ги одмерија силите на новите терени.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Време на најголеми инвестиции на спортот во Охрид. Денеска свечено беа пуштени во употреба новите три тениски игралишта во рамки на СРЦ „Билјанини Извори“. Градоначалникот Никола Бакрачески, истакна дека тениските терени се изградени согласно сите стандарди на интернационалната тениска асоцијација. Додаде дека тука не запираат и потсети, дека во полн ек била изградбата на затворениот пливачки базен кој би требало да го реинкарнира пливањето и ватерполото во градов, а најави и отпочнување со реконструкција и на отворениот пливачки базен.

„Оваа слика која ја имаме изминатите две години ги исполнува нашите срца, на охриѓани и оние кои го сакаат спортот. Успеавме да ги вратиме и младите и децата но и повозрасните на овие спортски арени. И тоа е нешто што ќе не радува и во иднина и создава солидна основа за развој на спортот во Охрид за постигнување на врвни резултати и секако за промоција на Охрид и преку развој на спортот“ – вели Бакрачески.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, истакна дека во изминативе години во многу била променета сликата за спортот во нашата земја. Додаде дека тоа се должи на вложување на големи средства за капитални објекти за подобрување и проширување на спортската инфраструктура. Спасески напомена дека во последните четири години само во општина Охрид биле инвестирани 40 милиони денари за изградба на спортската сала во Велгошти, за теренот со вештачка трева на Билјанини извори, како и за денешните новоотворени спортски содржини.

„И ако пред десеттина години општа констатација беше дека македонскиот спорт и спортисти, но и македонските граѓани кои што сакаат рекреативно да спортуваат се соочуваа со навистина сериозен дефицит од недостаток на спортски објекти, денес после повеќегодишна континуирана градежна офанзива во делот на подобрување на спортската инфраструктура таа видно е променета во нашата земја“.

Директор на СРЦ „Билјанини извори“ Ристе Мишев, истакна дека во спорстско-рекреативниот центар полека но сигурно се заокружува процесот на инвестирање во комплетна спортска инфраструктура со која се збогатува понудата на градот, не само за охриѓани туку и за туристите.

„Субвенциите кои ни ги додели Локалната самоуправа ги одржуваат полни сите терени и оние за фудбал и тие во спортската сала, каде спортските клубови од речиси сите спортови тренираат во нашите објекти преку целата година. Како круна на инвестициите во спортската инфраструктура е затворениот пливачки базен кој охриѓани го чекаа со децении а со неговата изградба конечно младите охриѓанчиња и пливачите ќе можат да тренираат пливање во текот на цела година“ – истакна Мишев.

Од Агенцијата за Млади и Спорт најавија изградба уште на две нови повеќенаменски игралишта, едното во ОУ „Братство и единство“ и другото во ОСУ „Свети Кирил и Методиј, спортска сала, четири игралишта за „стрит баскет“ и еден скејт парк.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top