Прв Меморијален атлетски митинг во чест на проф. Влатко Димитров

Денес се одржа првиот Меморијален атлетски митинг во чест на  проф. Влатко Димитров. На митингот беа застапени девет дисциплини во машка и женска конкуренција. Телевизија ТВМ вршеше директен пренос од овој спортски настан, но за сите оние кои не го следеа, во дневников издвојуваме неколку позначајни моменти од овој митинг.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Прв Меморијален атлетски митинг во чест на проф. Влатко Димитров, познат тренер и селектор на репрезентација на Македонија кој почина пред две години. Денес на СРЦ „Билјанини извори“ се одржа овој спортски хепениниг. На митингот учествуваа над 120 атлетичари од земјава, како и од соседните земји, Србија, Бугарија, Албанија и Косово. Овој спортски настан го отвори градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски кој кажа дека општината е секогаш подготвена да поддржи се што е во интерес на градот и развојот на туризмот.

Ние ќе го поддржиме овој атлетски митинг, а од наредната година ќе издвоиме и средства од буџетот за негово финансирање, рече Стојаноски.

На митингот беа застапени девет дисциплини во машка и женска конкуренција. Започна со дисциплната фрлање диск, а последна дисциплина беше 400 метри за мажи. Како меморијална дисциплина беше скок во далечина во машка и женска конкуренција во која проф. Влатко Димитров имаше најдобри достигнувања со своите атлетичари и до ден денес има државни рекорди. Намерата е овој атлетски митинг да прерасне во традиционален.

Ќе се заложиме овој атлетски митинг од наредната година да биде ставен во календарот на европската атлетска асоцијација и да имаме поголема масовност, а Охрид кој е познат по своите убавини да биде атракција за атлетскиот спорт, вели Пецо Неданов- претседател на охридскиот атлетски клуб.

Овој меморијален атлетски митинг се одржа со поддршка на Атлетската федерација на Македонија. Дел од средствата со кои се реализира овој спортски настан се од федерацијата, а дел од Атлетскиот клуб Охрид. Од наредната година најавено е дека и Агенцијата за млади и спорт ќе се вклучи во организацијата на овој митинг.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top